Глупоста на едно време
Ние и тогаш но некои и денес бевме/сме величествен пример за Кантовата дефиниција на глупоста како „мана на којашто апсолутно не може да ѝ се помогне“.
Фактот што ние не се ни обидува(в)ме да ги најдеме причините, или изворите, како сакате, на сето ова што ни се случува, е само уште еден доказ за нашата неспособност, неукост, лековерност…, но и (дали?) незрелост за сочувување на воспоставената државотворна традиција и тотална негрижа за идните генерации. Не може, не смее, на (самонаречените) политички „елити“ да им биде поважно да ги откријат тендерските афери на „непријателот“, да докажат кој е во право за редица блуткаво неважни прашања, или пак да обожуваат највисоките државни институции да ги наречат со најпогрдно име наместо конструктивно да размислат за можните излези од партиските, етничките, соседските… кавги.
Зошто, по ѓаволите, „елитите“ мислат дека е приоритетно да ги активираат сите најтупави и најглупави партиски „интелектуални“ ресурси за да ја докажат вината на Другиот и предноста на сопствениот „светоглед“? Зошто дуи (малите букви се…) мисли дека е многу над ВЛЕН или сектана како опашка на некогашната сдсм (малите букви се…) е попрогресивна од (сега) најголемата македонска партија? И зарем последниве години не го говорат токму спротивното? Но сеедно, дали на првите, како замена за сопствениот пораз, им останува „правото“ да ја навредуваат Претседателката на државата, да му симнуваат капа на коњот, нивни трабанти да ни докажуваат дека Земјата сепак е плоча а премиерот и тие околу него демек не знаат што говорат…?
И токму на сето тоа мислев кога неодамна напишав дека низ овие децении „самостојност“, „независнот“ и „сувереност“ како во миг минавме низ векови човечка историја и филозофија (бидејќи во претходниот систем тоа го знаевме само теориски!), и повторно – не научивме ништо. Зошто мораше толку децении како замена за сериозни политики наук да ни даваат коекакви полуинтелигенти и политиканти, сматуфени професорчиња и потпросечни новинарчиња, самопрогласени аналитичарчиња и лумпенкултурњаци…? Иако, впрочем, сите тие беа одлично платени за изнаоѓање решенија а не за создавање проблеми и дополнително поттурање нови суви гранчиња во огнот под овој зовриен етно котел!?
Дали сме ние единствениот пример во Европа каде самопрогласените политички „елити“ ја засмрдеа сопствената земја со нивното елементарно незнаење, неукост, простотилак… и алчност за пари, позиции и моќ, а ништо за возврат? Зашто, што доби македонскиот граѓанин од нив? Безмалку ништо. А иако не сме единствените, сепак сме меѓу малкуте такви параспур држави – лоцирани главно во соседството – каде државата служи како арена за партиски војни и трезор за богатење на поединци а не за просперитет на граѓаните и идните генерации.
И да, сето ова звучи само како уште една излитена фраза, но за жал вистинита. Зашто ако погледнете ретроспективно низ изминативе три децении конечно ќе видите дека сите проблеми во државава се генерирани од локалните незрели политики и политичари, нивната неспособност и незнаење но и коруптивно-криминогени апетити. Иако де факто граѓанинот им ја извојува победата за самостојна, независна и суверена држава, на крајот доби шипенки, суроица по глава, празен џеб! Од ригидниот етно Устав и моноетничките партии, преку криминалната приватизација, неукоста и ограниченоста на некогашните еднопартиски великодостојници и нивните семејства и „елити“, прилагодувањето на целиот „систем“ само на лични потреби и неспособноста правилно да се согледа и процени геополитиката на регионот…, сето тоа од денешна перспектива премногу заличува на смислен план, на убиство со умисла на државата!
Или, сето ова можеме да го поставиме и поинаку: ако, прво, „големите“ уставотворци (сосе „фамозниот“ Глигоров) не можеа да согледаат каква иднина за народот и државата ќе донесе поделбата на граѓаните во уставни етно-кампови, каде им беше умот? Или: подготвуваше ли некој уште тогаш терен за ова денес, за ова „Бугарите во Устав“? Зошто никој не го поставува тоа прашање?!
Или, ако уште тогаш знаеjа дека јужниот сосед „ќе нѐ дави како змија жаба“, зошто „давењето“ го развлекоа во цели две залудно фрлени децении? И зарем не беа одлично платени за да ги решаваат проблемите, а не да ги кријат под тепих? Или му оставија на „народот“ да си ги изживува националните чувства додека тие ги обезбедуваа(т) идните генерации на нивните семејства со доволно капитал?
Сите тие процеси беа осмислувани и (рако)водени низ анахрони соцреалистички политики, со сесрдна помош на инсталираните соучесници во редовите на денешните „три тоги“ како најплатени мозоци во државава и клиентелистичката „интелигенција“ од остатоците на некогашниот лумпенпролетеријат. И токму затоа тие процеси денес заличуваат на систематско убиство со умисла!
Низ него континуирано беше убивана културата, образованието, науката…, но и сите нормални, морални, професионални кадри токму во политиката, судството, здравството, универзитетот… Лекции за демократија, право и правда, за регионални политики и геополитики… ни држеа полуписмени провинцијалци од редовите на потчинетиот „интелектуален свет“ иако главно не разбираа(т) што говорат, немаа стандард ниту мерка за разорените категории на мислењето. Сите до еден нечии миленичиња и советодавци, нечии докторанди и специјализанти, а всушност обични улични фолиранти. Сите нивни „ставови“ и „размисли“ за светскиот политички миг во тие времиња, божем пренесените „директиви“ на меѓународните ликови кои одлучуваа, всушност беа измислици, приказни без допир со реалноста коишто јавноста, држена во изолација, ги земаше здраво за готово!
Ние и тогаш но некои и денес бевме/сме величествен пример за Кантовата дефиниција на глупоста како „мана на којашто апсолутно не може да ѝ се помогне“. Токму затоа и сега голем дел од истите луѓе во редовите на сектата што ја глуми некогашната сдсм и нивната „пајтон интелигенција“ ја веат истата магла, ги раскажуваат истите глупави приказни, па дури и се гордеат со нив. Оние кои ја метастазираа државата и нејзините институции во „нешто опасно“, кои ги претворија во грабливци за одредена цел и „идеологија“, и понатаму уживаат во својата глупост на сметка на јавноста.
Извор: Теодосиевски уметност