Глупирањето секогаш нѐ чини прескапо
Меѓутоа, секогаш има некаква проклета „квака 22“: глупоста секогаш сака да излезе надвор, да се покаже во јавноста, да ја видат другите… И тогаш се случува ова што се случува(ше) кај нас со дивеењето на коекакви криминалци во изминатите триесетина години, а особено во последнине седум-осум години во јавниот македонски (политички односно општествен) простор, на таа разулавена коалициска орда којашто нивните „интелектуални“ подопашни прислужници милуваа(т) да ги нарекуваат власт, државотворци и политичари.
Не сум посебно наклонет кон толкавата беневолентност како онаа на почитуваниот Героски дека „будалите имаат право слободно да се глупираат“. И не мислам дека таква и толкава толерантност многу придонесува во највисоките стандарди на човековите права и слободи. Македонската понова историја е жив и намачен сведок токму за спротивното: дека секогаш кога не сме реагирале на таквото „право“ на слободно глупирање, нештата се измолкнувале од контрола, а „слободномислечките“ глупандери нѐ воделе кон катастрофи.
Впрочем, сетете се на оној неконтролибилен двоец Георгиевски-Тупурковски, или на онаа 2001 година…, па на „тенкистон“ и неговите „политики“, на „Скопје 2014“ или на криминалцине од мрачниот период 2017-2024…!
Сетете се впрочем и на она страобално глупирање со името на државата, со онаа „рамка“ и оние „протоколи“ како врв на националната глупост, од коишто до денес не можеме да се ослободиме… Сѐ се тоа неодговорни хировито-малоумни глупирања на поединци на туѓа сметка, со долгорочни последици!
Или, да се дообјаснам: будалите апсолутно имаат право слободно да се глупираат, но во нивниот приватен простор, во нивните четири ѕида, не загрозувајќи ја слободата и правото на мир на другите. Во идиотизмот на личниот им „внатрешен свет“, непречено, таквите глупандери можат слободно да си ги облекуваат маршалските униформи или да си носат Наполеоновски „бикорн“, да си ги именуваат милениците Букефал или Руфус, па и да глумат дека се поети, политичари, државници… Јавниот простор сепак обврзува на некаква елементарна пристојност, култура, воспитување, манири… дури и кога човек има неограничена власт. И моќ!
Меѓутоа, секогаш има некаква проклета „квака 22“: глупоста секогаш сака да излезе надвор, да се покаже во јавноста, да ја видат другите… И тогаш се случува ова што се случува(ше) кај нас со дивеењето на коекакви криминалци во изминатите триесетина години, а особено во последнине седум-осум години во јавниот македонски (политички односно општествен) простор, на таа разулавена коалициска орда којашто нивните „интелектуални“ подопашни прислужници милуваа(т) да ги нарекуваат власт, државотворци и политичари.
Или, се случува ова што го прават САД во Венецуела! Таквото јавно глупирање – иако тој во основа благ израз баш и не одговара на примерите што ги наведувам – најчесто е пропратено со човечки и материјални жртви, а будалите што така јавно се глупираат некои се обидуваат да ги оправдаат со некакви домашни закони што му дозволуваат на претседателот на САД да киднапира претседатели на други држави и да убива локално население како ќе му се сони. Историјата е преполна со такви будали кои си го присвојуваат правото да се глупираат во туѓ (јавен) простор, нарушувајќи ги светите права на другите заради свои суетни или лукративни цели.
Зашто, во основа, сѐ се сведува на тоа: на суета што бара некакво – којзнае какво, дури и најцрно – самодокажување односно приземна потврда на неприкосновената сила и моќ да се одземе дури и туѓиот живот, како и на алчност за туѓи богатства и имот што во основа не им припаѓа според ниту еден закон. Дури ни според „законот“ на посилниот којшто, и кај нас, некои се обидуваат да го оправдаат.
И, се разбира (како што веќе реков) секогаш ќе има доволно измислени или законски и уставно спакувани „причини“ што на будалиот или насилникот (ќе) му дозволуваат да го прави тоа што го прави – особено кога заради сопствената немоќ не знае односно не умее да се справи со одделни проблеми па истите ги префрла врз грбот на другиот. И тоа му овозможува да ви влезе дома и да ве киднапира, да убива сѐ наоколу што би го попречило во агресивните замисли, да ве одвлечка во некаква негова „цивилизација“ и да ви суди според негови нецивилизирани закони!
Следствено, светот започнува да наликува на масовна лудница или – ако некому му пречи таквата директна асоцијација – психијатриска установа каде будалите се договараат кој каде ќе удри и што и како ќе украде, а оној сѐ уште речиси нормален дел ќе протестира, ќе бара правда и похуман однос… Тој и таков свет скроен по мерка на налудничави глупандери и болни будали пропушти – а особено по 1945 година – многу прилики да се трансформира во пристојно место за живот. Повторно заради диктатот на насилниците кои си припишуваа некакви заслуги и права да владеат со другите како награда. Па дури и тоа ни го подметнуваат како демократија, либертаријанство и слични будалаштини!
И сепак, мислам дека сета таа хуманистичка фарса нема врска со (како што некои тоа сакаат да го прикажат) „малоста“ на едните или „големината“ на другите, со некаква измислена „безбедносна неопходност“ во чиешто име се одземаат туѓи животи, имот и слично. Зашто, повторно, историјата покажува дека тие „параметри“ се измислена категорија само за едни! Инаку, и онаа германска „lebensraum“ како суштина на нацистичката идеологија ќе беше оправдана, нели? А всушност, кога ќе погледнете подобро, поголемиот дел од историјата на човечката цивилизација до 1945 година била историја на будали кои сметале дека имаат право дадено од Господ да се глупираат на туѓа сметка и туѓа почва со туѓи животи и туѓ имот. И таа 1945 година започна со повикот – никогаш повеќе, но продолжи по стариот терк, со права за едни и неправда за други, со сила од едни контра други, со разноразни неизживеани идиоти кои сметаат дека имаат право да се изживуваат врз останатите! Па продолжи со Виетнам, Камбоџа, Афганистан, Ирак, Сирија, Украина, Палестина…, сега Венецуела, утре Гренланд…
Светот дојде до толкаво лицемерие што еден фолирант како Макрон, насочувајќи го својот „Мираж“ полн со ракети кон Сирија, го осудува нападот на САД врз Венецуела! А едновремено, „угледниот“ лондонски „Гардијан“ ечи за „мрачната историја на мешање, инвазии и окупации“ на САД додека нивниот смешен Стармер лета кон Сирија заедно со Макрон.
Нашата „малост“ за среќа не придонесуваше активно во туѓата глупост. Но, ни ние не бевме/не сме исклучок од таа темна страна на историјата, иако во значително помали размери и речиси никогаш на штета на другиот. Нашиве глупандери другиот најчесто го заменуваа со својот народ па се изживуваа врз него, го лажеа, го крадеа, го малтретираа… Дури и денес. Затоа и понатаму си го играме „Тешкото“, па дури и се гордееме со него, но не како некаква традиција туку како – животен став.
И, да се вратам на почетокот: прагот на нашата толеранција кон будалите, кон глупоста, кон криминалот и корупцијата, кон изживувањето врз граѓанинот… мора да биде кренат на највисок степен. Не само од некакви „надлежни институции“ туку и од секој поединец/граѓанин, лично и персонално, зашто сите тие глупандери кои ни поминаа низ животот беа/се директно или индиректно платени од наши пари! А впрочем, видовме и дека сите оние наводно демократски и „заштитни механизми“ од типот на некакви комитети, одбори, здруженија, вистиноборци…, формирани низ годиниве, биле/се само камуфлирани збирштини на еднакви будали и глупандери од кои не може ништо добро да се очекува, а најмалку беспоштедна битка против неправдата.
Па инаку, ќе се огласеа барем еднаш во вистински миг и за вистинска раборта, нели!?