Глупавиот, поглупавиот и… идиотот!

Постои само глупа власт, глупи водачи на државата, умислени „лидери“ и нивните следбеници зад сите граници на можната или „дозволената“ човекова глупост, кои ги водат народите во безизлезна бездна, во историска пропаст, во нецивилизирани конфликти коишто потоа се прераскажуваат во историите како ординарна глупост! Или идиотизам што водел кон хумани катастрофи.

371

Не гледам дека некои многу се загрижи за коефициентот на нацијата – фамозното IQ – коешто нѐ става на некое место при крајот на листата на умни народи. Освен оние неколкумина кои се платени да се грижат што новата власт така редовно „ни проповеда приспивни приказни за оглупавување“. А тие упорно запнале да нѐ опаметат. Но како можеш глуп народ да опаметиш? Невозможна мисија. Или да му докажеш дека прави историски грешки кога не прифаќа да биде „сегашен“ народ со „модерен“ јазик, да си го потхранува историскиот мазохизам како „вечна жртва“, да лебди во лимбото помеѓу бесмислата и лудилото, накљукан со политички опијати.

Не можеш, никако, тоа е историски докажано врз примерот на македонскиот народ. Во „пусто турско“ османлиите пет века се обидувале да му го дотераат умот, ама фамозното ниско и особено тврдоглаво IQ не дозволувало. Истата приказна се повторувала и во времето на соседните пропаганди, па за времето на Балканските и на Првата светска војна, за да во 1941 дојдат „братјата“ од Исток со нови „стратешки политики“ насочени кон поставувањето на камен-темелникот на денешните усилби за промена на Уставот. Изгледа тие беа најуспешни, иако не докрај. Ама барем оставија свои „наследници“ и пропагандисти кои упорно ја туркаат стратешката цел: да нѐ извлечат од калта на национализмот, од идентитетското самочувство, од старите „реакционерни“ политики што гледаат назад наместо во светлата, прогресивна иднина. Онаа што ни ја донесе (за жал) киднапираната и упропастена „Шарена револуција“, кога „глупавиот“ македонски граѓанин помисли дека многу нешта, ако не баш сѐ, зависат од него.






А сепак, тој „глуп“ народ покажа дека баш и не е толку глуп. Иако многумина, многу поглупави од него, се обидуваа(т) да го убедат токму во тоа, како товар да му наметнат некакво историско и современо бреме што ќе го толчи секој божји ден додека не ја прифати „вистината“ дека е – глуп, дека не умее рационално да размислува, дека времето на национални каузи е минато свршено време, дека (божем) сите денес сме граѓани, европејци, демократи…

Но се покажа односно секојдневно ни се покажува дека ние тоа не сме и некој не сака тоа да бидеме, дека некои инсистираат да бидеме „нешто друго“, некаква аморфна идентитетска маса, народ и земја за поткусуравање и „маргинална епизода“… Можеби и сме, којзнае, но зошто другите се – подобри? Затоа што се поголеми, посилни, затоа што со векови ограбувале други народи и станале побогати, затоа што се попаметни, со поголемо IQ? А ние сме некадарници, криминалци, неспособни, неуки, глупави…? Приказни за мали деца.

А тие приказни ни ги раскажува една банда која три децении им служи токму на такви параспури, на таков коруптивно-криминален џган кој го разнебити системот, го направија за подбив и ги обзвреднија човечките вредности, ги разграбаа државните ресурси и присвоија неограничена политичка моќ…? И бранејќи го тој џган тие ги оправдуваа сите нивни дивјаштва, кражби, неморално и неказнето однесување…, а нас нѐ прогласуваа(т) за заостанати, ретроградни, неспособни, националисти, „разулавени“ кои само умеат да мразат…! Три децении таа малограѓанска багра се вози врз грбот на народот, а згора и го навредува.

И сега ние сме глупавите, нам сите ни биле виновни за ситуацијата во која се наоѓаме. Не, кај нас точно се знае кој нѐ доведе во оваа ситуација, како што точно се знае и кој што направи во овие триесет години, кој се пекмезеше и кревељеше, кој лажеше и крадеше, кој ни продаваше „онакво“ за бубрези небаре ја поцицале сета мудрост на светот. А врз основа на што? Врз основа на партиските книшки, семејните врски и пријателства, поткупливоста и корумпираноста…? Инаку, зарем ќе загубевме цели три децении од животот заради „визиите“ на такви – да простите – мудросери?

Но, да го дообјаснам она со глупавиот народ. Иако мислам дека и нема особена потреба, но сепак: прашањето за нас како потенцијален „глупав народ“ се наметнува поради јавниот однос и постапки на оние погоре спомнати поединци и групи кои така грчевито и насилнички се борат да ни докажат некои нивни „вистини“, сместувајќи нѐ низ нивните „лекции“ на страната на глупоста, ограниченоста, тоталната ирационалност…, бидејќи ние, наводно, а поради глупоста, не ги разбираме. А впрочем тие и не кријат дека нѐ сметаат за глупави. Инаку, зарем би се однесувале така и зарем би ги говореле сите оние идиотизми што ги говорат?

Историјата никогаш и никаде не сугерирала – уште помалку докажала – дека некогаш и некаде постоел глупав народ. Но, факт е дека постојат глупави поединци и групи кои веруваат дека постојат глупави народи кои можеш да ги лажеш цел божји живот. И како и секаде низ светот, такви поединци постојат и кај нас. Во голем број. И постои само глупа власт, глупи водачи на државата, умислени „лидери“ и нивните следбеници зад сите граници на можната или „дозволената“ човекова глупост, кои ги водат народите во безизлезна бездна, во историска пропаст, во нецивилизирани конфликти коишто потоа се прераскажуваат во историите како ординарна глупост! Или идиотизам што водел кон хумани катастрофи.

И такви имаме, не ни недостасуваат. И тие стануваат безобразни и доминантно агресивни во кризни времиња, во пресвртни мигови, обидувајќи се низ сплетки, манипулации и слаткоречиви флоскули да сочуваат некакви свои позиции, да интервенираат во полза на одредени групи и политикантски опции. А велам доминантни зашто се солидно етаблирани во системот, во дел од медиумите, на универзитетите, во институциите и во кулоарите на власта – на секоја власт! – и, се разбира, вгнездени се во задниците на одделни меѓународни фактори, но особено на платните списоци на познати „идеолошки“ финансиски организации. И ние, во тој поглед, како и некои други екс-социјалистички земји, сме нагледен пример за тоа!

Оттука, ние можеби сме изморен народ, измалтретиран, тормозен и низ историјата и низ совремието, осиромашен дури до гола кожа…, ама глупави – не сме. Таму неприкосновено на првите места седи токму оној џган кој ни ги продава овие квази-историски срања и локални „социолошки“ мангуплаци за заглупување.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини