„ГЛУПАВА ЛОГИКА“ ПРОТИВ „УЛИЧАРСКИ РЕЧНИК“ Град Скопје и ВМРО-ДПМНЕ во отворена жестока пресметка

Кој ја пишува срамната комуникација на Арсовска?, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од Град Скопје апелираа до ВМРО-ДПМНЕ да не се шират лаги, манипулации и дезинформации и тоа од страна на неписмени и нестручни лица кои некако стигнале до микрофон и камера.

1,609

Град Скопје излезе со жестока реакција на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја партијата опозицијата за ширење лаги и манипулации поврзани со расправата за предлог-буџетот за 2025 година. Од ВМРО-ДПМНЕ исто така реагираа дека соопштенијата од Град Скопје звучат како да се пишувани во некаква „посебна состојба“.

Инаку во соопштението од Град Скопје, кое беше остро формулирано, се потенцира дека критиките на ВМРО-ДПМНЕ се „некомпетентни и произлезени од лица кои не ги разбираат ниту процедурите, ниту законските обврски“.






„Апелираме до ВМРО-ДПМНЕ да престане со ширење дезинформации од страна на неписмени и нестручни лица кои некако стигнале до микрофон и камера“, стои во соопштението на Град Скопје.

Од Градот нагласуваат дека согласно законските одредби, предлог-буџетот се доставува до Советот седум дена пред расправата за истиот, што важи за сите единици на локалната самоуправа.

„Според глупавата логика на анонимуси од ВМРО-ДПМНЕ, без буџет за следната година ќе останат и општините каде раководат нивните кадри, кои исто така до денес немаат доставено предлог-буџети“, додаваат од Градот.

Според нив, предлог-буџетот кој ќе биде претставен пред Советот е развоен и инвестициски, а сите обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ се квалификувани како „измислици насочени кон манипулирање на јавноста“.

„Граѓаните на градот Скопје ги повикуваме да не наседнуваат на лагите на анонимуси кои се обидуваат да го нарушат процесот на развој и инвестирање“, заклучуваат од Град Скопје.

По соопштението од Град Скопје, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека истото е пишувано во некаква „посебна состојба“.

„Не знаеме кој ги пишува овие срамни соопштенија – дали Левица, дали ДУИ, или можеби СДС? Единствено што е сигурно е дека авторот или нема завршено основно образование или се наоѓа во некаква несфатлива состојба. Речникот во овие текстови е уличарски и несвојствен за ‘менаџерка’ каква што се претставува Данела Арсовска“, обвинуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека проблемот не е само во „непристојниот тон“, туку и во непочитувањето на основните процедури.

„Ова не се лаги и манипулации, туку е факт – буџетот е заглавен, и тоа е резултат на неуспешното работење на Арсовска. Пробиени се роковите за негово поднесување. Не знаеме каде е буџетот – можеби кај некој сметководител во Ѓорче, можеби кај нејзин роднина, а можеби во штабот на некоја партија блиска до Арсовска“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата приложи документ како доказ дека рокот за поднесување на предлог-буџетот е пробиен, со што, според нив, уште еднаш се докажува некомпетентноста на градската администрација.

„Данела Арсовска продолжува со хаосот и импровизациите, а граѓаните плаќаат за нејзините грешки“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини