ФИЛИПЧЕ ГЛУМИ ПАТРИОТ, А КОВА ПЛАНОВИ СО ГУРУТО Мицкоски го повика лидерот на СДСМ да проговори за менторот од Струмица
Од народниот митинг во Гостивар, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека секој човек има момент кога треба да одлучи кому верува и кого го препознава како свој.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот народен митинг во Гостивар, кој се одржа во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, го повика Венко Филипче јавно да каже што мисли за својот ментор и гуру од Струмица.
– Од причина што се срами да каже, и затоа што е лицемерен и едно зборува во јавноста, додека истовремено глуми и одработува и кова заеднички планови со него, го повикувам Филипче да каже јавно што мисли за неговиот ментор и гуру. Дали бил добар претседател на Владата и дали тој направил добро за Македонија. Нормално, не очекувам да даде одговор којшто сите ние добро го знаеме, граѓаните – изјави Мицкоски, нагласувајќи дека овие избори се моментот кога секој човек треба да одлучи не за политика, туку за тоа кому му верува и кого го чувствува како свој.
– Кој е тука кога е тешко, кој не се крие кога треба да се одговори, кој го познава твоето маало, твојата мака, твојата борба – додаде тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните на 19 октомври масовно да излезат и да гласаат за број 9, за подобра и достоинствена иднина.
– Многу е важно да излезете на избори и да гласате. Македонија е исправена и подготвена да оди напред! Нема поголема сила од народот кој верува, од народот кој знае што сака и кој знае дека иднината е во негови раце. Нашата борба не е само за една општина, не е само за еден град. Нашата борба е за секое семејство, за секое дете што сака подобро училиште, за секој млад човек што сака работа и останува тука, дома, во Македонија. Нашата борба е за достоинството на секој еден граѓанин – нагласи Мицкоски.
Носителот на листата за членови на Советот на општина Гостивар од коалицијата „Твоја Македонија“, Мартин Андоновски, во своето обраќање пред сограѓаните вети дека ќе биде достапен, отворен за соработка и гласот на секој оној што ќе се обрати со предлог, иницијатива или потреба.
– Ќе помогнам секогаш кога тоа е можно и ќе бидам тука за сите вас. Сакам да порачам – овие избори се избори во кои треба да одлучиме дали ќе избереме квалитет, чесност, стручност и посветеност или ќе останеме во состојба на стагнација и безидејност. Знаеме зошто сме тука и знаеме чии интереси треба да ги браниме. Заедно, со твојот човек, за твоето место, за твојата иднина, можеме многу повеќе – рече Андоновски.
Тој додаде дека политиките на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ донеле пресврт во односот кон локалната самоуправа, односно дека по години стагнација, конечно централната власт ги поддржува општините во реализацијата на важни проекти.
Андоновски ги повика гостиварци, без разлика на нивната национална или верска припадност, да го заокружат бројот 9 и да ја поддржат советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
На митингот во Гостивар се обрати и членката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка во Собранието, Дафина Стојаноска, која нагласи дека кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, државата повторно почнува да гради од темел – онаму каде што другите оставиле пепел.
Стојаноска се осврна и на политичките противници од СДСМ и Левица.
– Морав да го кажам ова за нив – за гостиварчани да знаат дека Димче не е патриот, туку е платеник кој одработува туѓи агенди. Одработува за Али, и гласот за Димче во Гостивар е глас за Али – рече Стојаноска.