Глобално признание за младите иноватори од eBionics за иновација за дигитална инклузија

Тимот eBionics изготви решение наречено VenusArm (Раката на Венера) – 3Д печатена бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет.

424

УНИЦЕФ заедно со партнерите во Њујорк ги прогласи осумте победници на глобалниот младински предизвик „Генерација без граници 2019/2020“. Меѓу нив, во категоријата севкупни победници на возраст под 18 години, победник беше тимот eBionics со решението VenusArm (Раката на Венера) – 3Д печатена бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет.

– Пресреќни сме и благодарни за признанието и вербата во нашиот тим и во потенцијалот на идејата. Возбудени сме што овој предизвик ни дава можност да ја претвориме нашата идеја во реалност и да допреме до што е можно повеќе луѓе ширум светот. Нашата главна цел е бионичката рака да биде достапна за оние на коишто им е најпотребна. Се надеваме дека ќе имаме голем број корисници на кои бионичката рака ќе им понуди нови можности и ќе им изнуди насмевка. На младите би им препорачале да веруваат во тоа што го прават, иако можеби на почетокот изгледа неостварливо – постојат иницијативи, организации и луѓе кои веруваат во нив и ги поддржуваат – рече Орхан Багашов, лидер на тимот.






Членови на тимот eBionics покрај Орхан Багашов се и  Борис Ночески, Анамариа Илиева и Тео Китановски. Нивни ментор е проф. д-р Иван Чорбев.Нивното решение има за цел, Venus Arm – 3Д печатена бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет да го подобри пристапот до протетички помагала.Тимот дава упатство и насоки кои ќе им помогнат на лицата да направат протетичка бионичка рака. Нивните истражувања на пазарот покажаа дека постоечките решенија се протези со цена која надминува десетици илјади евра, додека нивното решение може да се изработи за околу 100 до 200 евра.

Ова е вторпат младите од Северна Македонија да добијат глобално признание. Во 2019 тимот Андромета се најде меѓу светските победници со нивната мобилна апликација Speak Out за поддршка на менталното здравје и заштита од врсничко насилство меѓу младите.

– Земјава треба да биде исклучително горда што втора година по ред има победник на глобално ниво. Тоа е доказ дека тука има млади со огромен потенцијал и нагласува колку е важно да се вложи во нив за да се создадат можности за иновации и социјално претприемништво. Искрено сум инспирирана од eBonics и од талентите на младите во оваа земја. Нема сомнение дека единствено што треба е да им се даде се простор и можности да го искористат својот порив, креативност и способност да бидат предводници во изнаоѓањето решенија што ќе донесат позитивна промена во нивниот живот, но и во заедницата во која живеат – рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Оваа година глобалниот младински предизвик „Генерација без граници 2019/2020“ се одржа во 36 земји од целиот свет, а учествуваа над 180 тима.

Идеите на победничките тимови ќе придонесат за успехот на Generation Unlimited – амбициозно мултисекторско јавно-приватно глобално партнерство чија цел е да одговори на итните потреби за проширување на можностите за образование, обука и вработување на младите со еден досега невиден опфат.

На националниот младински предизвки „Генерација без граници“ кој се одржа претходно годинава со поддршка од Фондацијата Македонски Телеком, тимот eBionics заедно со тимот Mind Benders со нивното дигитално ресторанско мени беа одбрани да се натпреваруваат како дел од глобалниот предизвик.

Поврзани содржини