ГЛОБАЛНИТЕ ЦЕНИ НА ХРАНАТА НАЈВИСОКИ ВО ДВЕ ГОДИНИ Маслото и месото поскапеле за повеќе од 2%
Индексот на цени на ФАО за основни прехранбени производи во јуни изнесувал 128,0 поени и бил за 0,5 отсто повисок отколку во мај. Неговата вредност повторно се приближи до највисокото ниво во две години, од 128,2 поени, кое беше достигнато во април
Цените на храната во јуни се приближија до највисокото ниво во две години, бидејќи скокот на цените на месото и растителните масла го надмина значително поевтиниот шеќер и житарки, соопшти Агенцијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) објавен денеска.
Индексот на цени на ФАО за основни прехранбени производи во јуни изнесувал 128,0 поени и бил за 0,5 отсто повисок отколку во мај. Неговата вредност повторно се приближи до највисокото ниво во две години, од 128,2 поени, кое беше достигнато во април. Во однос на јуни минатата година, цените биле повисоки за 5,8%.
Најмногу поскапеле растителните масла во мај, за 2,3%, со повисоки цени на палминото, репкиното и соиното масло поради засилената побарувачка во секторот биогорива. Цените на сончогледовото масло, пак, благо се намалиле поради зголеменото производство во црноморскиот регион.
Цените на месото исто така значително пораснаа, за 2,1%, достигнувајќи ново највисоко ниво откако ФАО објавува податоци, бидејќи силното поскапување на говедското, свинското и овчото месо повторно го надмина падот на цените на живината.
Млечните производи во јуни поскапеа за 0,5%, бидејќи ограничената понуда во Океанија и ЕУ и континуирано високата побарувачка во Азија втор месец по ред ги подигнаа цените на путерот на највисоко ниво откако ФАО објавува податоци.
Шеќерот, пак, значително поевтини во јуни, четврти месец по ред, и тоа за 5,2 % во однос на мај, со пад на цените на најниско ниво од април 2021 година, под влијание на очекувањата дека родот на шеќерна трска во Бразил, Индија и Тајланд, водечките производители, ќе биде исклучително добар со оглед на поволните временски услови и поголемите засеани површини.
Значително се намалија и цените на житарките во шестиот месец од годинава, за 1,5% на месечно ниво, одразувајќи го остриот пад на цените на пченката, втор месец по ред, поради обилната понуда од Аргентина и Бразил. Пченицата, пак, поскапе поради стравувањата дека сушата би можела да го загрози родот во Русија, САД и одредени делови од ЕУ.
Уште во средината на јуни, пред топлотниот бран, ФАО прогнозираше дека поради поволните временски услови производството на пченица во ЕУ оваа година ќе порасне за 13 отсто.
Во посебен извештај за понудата и побарувачката на пазарот на житарки, ФАО благо ја подигна проценката за глобалното производство на житарки оваа година, на 2,925 милијарди тони, ново највисоко ниво откако објавува податоци. Тоа би значело дека ќе порасне за 2,3% во однос на минатата година.
Иако вкупните изгледи за пченица, пченка и ориз се подобрени, агенцијата нагласува дека прогнозираното топло и суво време во одредени клучни региони би можело да влијае на производството, особено на пченката.
Светската потрошувачка на житарки треба да порасне за 0,8% во сезоната 2025/2026, на 2,898 милијарди тони, проценува ФАО.
Залихите на житарки треба на крајот на актуелната сезона, во јули идната година, да бидат повисоки за 2,2 отсто отколку на почетокот и да изнесуваат, според проценките на агенцијата, 889,1 милиони тони.
Светската трговија со житарки, пак, треба да порасне за 1,2% во новата сезона, на 486,9 милиони тони, со засилен извоз на пченица и ориз и благо намалување на обемот на трговија со пченка, предвидува ФАО.