ГЛАВОБОЛКИ ЗА СЕЛЕКТОРОТ АНЧЕЛОТИ Мора да ги избере најдобрите меѓу светските ѕвезди за Мундијалот
Анчелоти најави дека наредните натпревари ќе бидат клучни за атмосферата и селекцијата на тимот пред Мундијалот 2026.
Селекторот на бразилската фудбалска репрезентација, Карло Анчелоти, зборуваше за целите на тимот во пресрет на претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство во 2026 година.
– Пред нас се два последни квалификациски натпревари и мора добро да ја завршиме оваа фаза. Задоволен сум од последните два натпревара, но пред сè од позитивната атмосфера во тимот. Мора да ги искористиме овие натпревари против Чиле и Боливија за да ја задржиме таа позитивна атмосфера, бидејќи тоа е многу важно за подготовките за Светското првенство – изјави Анчелоти за ЕСПН.
Тој додаде дека на пријателските натпревари во октомври, ноември и март ќе има можност подобро да ги запознае играчите и да го дефинира тимот.
– Бразил има многу добри играчи од целиот свет. Нема да биде лесно да се состави нов тим, но мора да ги искористиме претстојните натпревари. Ќе имаме 10 месеци за подготовка на конечниот состав за успешен настап на Светското првенство – нагласи селекторот.
Бразил на 5 септември ќе го одигра дуелот против Чиле, а пет дена подоцна ќе се соочи со Боливија.