ГЛАВИ ОД СВИЊИ ОСТАВЕНИ ПРЕД ЏАМИИ ВО ПАРИЗ Полицијата трага по верските провокатори
Министерот за внатрешни работи на Франција, Бруно Ретајо им понуди поддршка на имамите на џамиите и на верниците, осудувајќи ги нападите врз верските објекти како дела на „немерлив кукавичлук“.
Глави од свињи рано утрово се пронајдени пред неколку џамии во областа на Париз, по што е покрената истрага, соопшти префектот на париската полиција Лоран Нуњез.
„Се прави сè, за да се пронајдат сторителите на овие одвратни дела“, напиша Нуњез.
Министерот за внатрешни работи Бруно Ретајо им понуди поддршка на имамите на џамиите и на верниците, осудувајќи ги нападите врз верските објекти како дела на „немерлив кукавичлук“.
Според весникот Паризиен, свинските глави биле пронајдени пред две џамии во источен Париз и во предградието Монреј.
Телевизијата Франс Инфо, пак, јави дека животинските глави биле пронајдени на најмалку шест локации.
Инцидентот се случува неколку месеци откако еден човек беше избоден до смрт во џамија во јужна Франција, што предизвика гнев меѓу муслиманските заедници во земјата.