ГЛАСОТ НА ДИ ВЕНС ОДЛУЧИ ЗА „ГОЛЕМИОТ ЗАКОН“ НА ТРАМП Колку ќе заштедат и колку ќе должат САД?
Законот вклучува продолжување на даночните олеснувања за корпорации и високите приходи, масовни кратења во социјалните програми и рекордно зголемување на трошоците за одбрана и за границите.
„Големиот прекрасен закон на Трамп“, обемен закон за даночни олеснувања и за државно трошење, помина во Сенатот по повеќе од 24 часа жестока расправа и драматично гласање што заврши 50–50. Одлучувачкиот 51. глас го даде потпретседателот Џеј Ди Венс, со што беше отворен патот за најголемото буџетско зголемување во поновата историја на САД, околу 3,3 трилиони долари нов долг, пренесе Фајненшл Тајмс.
Тројца републиканци, Том Тилис, Сузан Колинс и Ранд Пол, се приклучија на сите демократи во обид да го блокираат законот, но Белата куќа ја доби битката.
Белата куќа на 4 јуни соопшти дека законот ќе донесе потенцијални заштеди во државната каса од 1,7 трилиони долари.
Законот вклучува продолжување на даночните олеснувања за корпорации и високите приходи, масовни кратења во социјалните програми и рекордно зголемување на трошоците за одбрана и за границите. Милијардерот Илон Маск жестоко го критикуваше законот велејќи дека тој е против напорите за кратење на трошоците кои самиот Маск ги вложи додека го водеше Министерството за ефикасност.
Исто така, Маск се противи на кратењето на даночните кредити за електрични возила, што директно ќе влијае на неговата компанија „Тесла“.
Трамп дозна дека неговиот закон поминал во Сенатот додека престојуваше во мигрантскиот центар „Алигатор Алкатраз“ во Флорида.
– Музика за моите уши. Ви благодарам. Чекав, слушајќи ги овие прекрасни зборови… ме интересираше и како стоиме. Тоа покажува колку ве ценам затоа што сум тука со вас, а веројатно треба да бидам таму – изјави Трамп пред новинарите.
Потоа тој го пофали својот потпретседател Венс:
– Тој добро си ја врши работата.
На реакциите од незадоволните републиканци во Претставничкиот дом одговори:
– Има по нешто за секого. Тоа е одличен закон. Ќе помине многу непречено, полесно отколку во Сенатот.
Законот сега се враќа на конечно гласање во Претставничкиот дом, а администрацијата уверува дека целта е тој да биде потпишан пред 4 јули, националниот празник на САД.