Гласниот врисок на право(криво)судството

Судиите деновиве испраќаат отворени писма затоа што премиерот констатирал дека без резултати нема основа за поголеми плати. Со години наназад ЕУ и ЕК го повторуваат истото: нула напредок во борбата против корупцијата, се повеќе случаи на селективна правда, пресуди и обвиненија по нарачка, предмети што се влечат до застарување. За ова ли треба поголеми плати или нешто друго?

1

Право(криво)судството денес се бранува од навредената гордост. Се чувствува нападнато, омаловажено, недоволно ценето. Премиерот укажува и критикува, Европската комисија забележува, а јавноста се погласно негодува. Но, дали навистина некој во оваа држава поверува во оваа право(криво)судска патетика премачкана со дрскост? Вистината е многу едноставна: граѓаните не му веруваат на судството не затоа што некој го „нападнал“, туку затоа што судството не работи, поточно зашто што испорачува неправда. Тоа не е политички став, тоа е биланс на години неажурност, недопирливост, играње со роковите за застареност, самозаштита и институционална нефункционалност што го симна правосудниот систем на историски најниски 2% доверба, речиси еднакво на нула. Замислете правдата одамна е мртва, а судиите и обвинителите се навредни.

Судиите деновиве испраќаат отворени писма затоа што премиерот констатирал дека без резултати нема основа за поголеми плати. Со години наназад ЕУ и ЕК го повторуваат истото: нула напредок во борбата против корупцијата, се повеќе случаи на селективна правда, пресуди и обвиненија по нарачка, предмети што се влечат до застарување. За ова ли треба поголеми плати или нешто друго?






Во своја одбрана, судиите и обвинителите велат дека тие „не генерирале долгови“ и дека преку такси и паушали го полнеле буџетот. Дури и да е точна оваа дрска теза, ајде да поставиме едно контра прашање: колкава е штетата од нивната неработа, незнаење или поточно од нивната несосвест? Колку граѓани беа неправедно обвинети или неправно судени? На колкумина им е прегледано низ прсти? Колку политичари си го легализираа нелегално стекнатиот имот преку свесно поведни и завршени обвинителско судски постапки со пресудени симболични затворски казни, казни кои ги одлежуваа во домашни услови. Наместо да им го одземат нелегално стекнатиот имот тие им го легализираа, им го подарија како лична сопственост!? И дали некој од нив некогаш одговарал за тоа?

Зошто ниту еден судија и обвинител со години наназад не реагираше кога јавноста зборуваше и бараше објективно правосудство, еднаков третман на сите обвинети и поголем квалитетот и непристрасност во нивната работа? Молчеа и уживаа во високите плати и привилегии кои, во најголем дел, не ги заслужуваа. Истите тие наместо да бараат подобри услови за работа, наместо да ја зголемат сопствената ефикасност и побараат одговорност за колегите што политички кокетираат тие се сетија да го подигнат гласот во оној момет кога се споменаа платите. Тогаш, одеднаш, независноста стана тема. Тогаш се сетија на Брисел. Тогаш се појавија писма, закани, драматизации. Стотици милиони евра досега се потрошени за нивна доедукација, илјадници страници се напишани за нивната независност и интегритет, а сепак им е поблиску политичката фамилијарност отколку професионалната чесност. Нивниот најсилен крик е за платите иако најсилен треба да биде за правдата која самите ја закопаа.

СЈО беше најдраматичниот тест. Од 27 предмети, само неколку (чинам 6 на број) добија сериозни пресуди. Остатокот заврши во хронични одложувања, формални пропусти, застарувања. Само еден судија беше разрешен и тоа под огромен јавен притисок. Судскиот совет не покажа намерa за поширока одговорност. Дел од членовите меѓусебно се штитеа. Старото правило „ти мене војвода, јас тебе сердаре“ продолжува да владее во институцијата што треба да биде симбол на интегритет.

А прашањето што сите го шепотат, но никој службено не го отвора, гласи: од каде и како е стекнат големиот имот на судиите и обвинителите? Како судија со петнаесеттина години стаж има три-четири стана, скапа атомобил, деловен простор и викендица? Судии и обвинители со шестцифрени имоти – од кои приходи? Од плата? Од заштеди? Од инвестициска генијалност? Во држава каде граѓаните со 30 години стаж едвај отплаќаат еден стан, ова навистна не може да се објасни со „чесно и совесно работење“. Нема правда, а затоа има станови и друг имот – е сликата на македонското кривосудство

Да се разбереме проблемот не е што судиите и обвинителите имаат имот. Проблемот е што дел од тој имот нема никаква врска со нивните приходи. И најголемата срамота е што никој официјално не проверува од каде доаѓа тој имот. Имотните листови се празна формалност. Нема реални финансиски контроли, проверки на трансакции, анализа на блиски лица, истраги за сомнително зголемување на имот. Во такви услови корупцијата не е ризик, таа е системски ,,наметната потреба за која досега само се шепотеше’’.

Судството реагира бурно кога политичар ќе го критикува, но молчи кога граѓанинот ќе праша зошто нема правда. Судиите се навредени; граѓаните се изморени. И затоа не е време за козметички реформи, декларации и нови стратегии. Време е за длабок, болен рез без пардон. Потребен е целосен ресет на целиот право(криво)суден систем, вистински проверки на потекло на имот, механизми за ефективност, санкции за застарувани предмети, транспарентност и финансиска независност со железна отчетност.

Не може да има владеење на правото додека судии и обвинители живеат живот што нивните плати не можат никако го оправдаат и објаснат. Не може да има доверба додека предмети се влечат со години. Не може да има Европа со правосудство што повеќе се брани од себе отколку што го брани законот. Правдата одамна чека. Време е некој правдата да ја врати во судницата. Нефункционален систем одвнатре е лесен плен однадвор.

Судството глуми дека е навредено и омаловажено, но граѓаните се предадени. Но вистинското прашање е: дали се навредени затоа што некој ги критикува или затоа што првпат некој јавно го кажува тоа што народот го шепоти со децении. Политиката не ги нападна судиите  туку вистината.

Затоа не потребен само обичен ремонт, туку потполн ре-сет. Радикален, темелен, без пардон. Не можеме да градиме европска држава со судство и обвинителство што работи со темпо на општинска архива и менталитет на затворен клуб (пари, имот, тишина). И нека им биде јасно на сите овие кои силно врескаат дека финансиска независност не е подарок тоа е одговорност која мора да е траспарентна и која мора конечно да почне да се спроведува во пракса.

Правдата не смее да се буди еднаш годишно кога ќе стигне извештајот од Брисел. Таа мора да стане секојдневен императив. И мора да почне со реченицата: „Да, судството и обвинителството се дел од проблемот, и мораат да се исчистат до темел.“

Време е сега. И веднаш.

П.С. Ставот искажан во оваа колумна не се однесува на чесните и со интегритет судии и обвинители кои работат совесно и во рамките на законот. За жал таквите во моментот се малкумина.

Поврзани содржини