ГИ ЗНААТ КОИ СЕ ВО РЕГУЛАТОРНА Битиќи потврди дека 17 корисници трошат третина од струјата на пазарот
Ги знаат во РКЕ. Ќе се справиме со нив така што, со тарифниот модел кој што го воспоставуваме, автоматски ќе излезат од регулираниот пазар. Тоа значи дека ќе ни се ослободи 20 отсто од струјата, за да ја ставиме во функција на стопанството, рече Битиќи.
Регулаторната комисија за енергетика знае кои се 17-те корисници кои трошат третина од целата струја која се продава на регулираниот пазар во Македонија, изјави вечерва вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Според него, земјата ќе се справи со овие корисници така што го воведува предложениот модел на тарифи, пишува Локално.
– Секако, тоа не сме ние како домаќинства. Ако се во функција на производство, не треба да бидат на регулиран пазар. Тоа значи дека земаат струја од секое едно домаќинство и прават штета на другата страна. Ги знаат во РКЕ. Ќе се справиме со нив така што, со тарифниот модел кој што го воспоставуваме, автоматски ќе излезат од регулираниот пазар. Тоа значи дека ќе ни се ослободи 20 отсто од струјата, за да ја ставиме во функција на стопанството – рече Битиќи.
На спротивен став од Битиќи е Костадин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност (МАЦЕФ). Новите тарифи нема да го решат проблемот, туку само ќе ја ублажат состојбата, објасни тој во своето вечерашно гостување во емисијата „Економски Магазин“ на Алсат.
– Што е проблемот што сме седнати денеска, високата цена на електричната енергија. Дали со блок тарифите ќе го решиме проблемот – не. Сакаме на длабока рана да ставиме фластерче, ако се допреме да не нѐ боли. Ќе помогне, треба да се направи, но енергијата во општеството треба да се насочи кон решавање на основниот проблем. Да се обезбеди доволно сопствено производство на електрична енергија – рече Димитров.