ГИ ТРУЈАТ ОНИЕ КОИ СЕ СПАСИЈА ОД ПУШКАТА! Масакр врз бездомни кучиња во Струга
Дали Општина Струга решила другите мерки за третман на бездомната популација да ги толкува како масовно уништување на бездомните кучиња?, прашуваат од „Бездомни животни без граници““.
Асоцијација за згрижување и вдомување на бездомни животни „Бездомни животни без граници“ ги обвини градските власти во Струга дека повторно посегнале по животот на уличните кучиња, овој пат труејќи ги со отровот ланате.
– Градот Струга, град на смртта каде живеат најголемите монструми на две нозе. Не сме сведочеле за град во кој во период од неполн месец се пролеа толку невина крв, нема улици во државава што биле масовни гробници за кучиња како улиците на Струга. Овој пат масакр се прави со отров. Десетици кучиња засега се најдени мртви од очигледно труење со добропознатиот ланате, отров кој во повеќе наврати се користи да се реши бездомната популација на животни во државава – реагираат од Асоцијацијата.
Оттаму додаваат дека градските власти останале доследни на ветувањата и дека денес во Струга се докрајчуваат кучињата што по некоја среќа успеаја да го избегнат претходниот масакр со пушка.
– Од првиот испукан куршум до денес јавноста имаше можност да види се освен желба од страна на институциите да се преземат мерки за сопирање на масовното убиство на бездомни животни во Струга. Огнот никогаш не сопре, единствено службите беа по ажурни според сведоштва на анонимни граѓани – кучиња се убивале и се собирале веднаш за да се скрие траг. Се прашуваме дали сепак овде не се работи за гнев на поединец туку организирана хајка против бездомните кучиња во Струга? Дали Општина Струга решила другите мерки за третман на бездомната популација да ги толкува како масовно уништување на бездомните кучиња? – прашуваат од „Бездомни животни без граници“.
Од Асоцијацијата упатија повик до надлежните институции непристрасно да постапуваат во своите постапки и да го запрат овој масакр, МВР во Струга не е општинска институција за да постапува единствено во полза на градскиот татко како заштитена бела мечка.
– Ги повикуваме Агенцијата за храна и ветеринарство да ја санкционираат Општина Струга за неспроведување на хуман третман врз бездомните кучиња на територијата на општината, нивната неажурност и незаинтересираноста на општините доведуваат до кулминација на состојбата – ова е историја што се повторува! Примитивизам не е одлика на земја која се стреми кон членство во Европската унија – се вели во реакцијата.