ГИ ШТИТИМЕ МЛАДИТЕ, ЈА ШТИТИМЕ ДРЖАВАТА Забранети се над 240 веб-страници за приредување онлајн игри на среќа
Андоновски информира дека Министерството за финансии подготвува нов Закон за игри на среќа со кој, како што рече, се очекува да се има една посериозна, посеопфатна рамка.
Министерот за дигитална трансформација и секретарот за меѓународна соработка во ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски вечерва истакна дека во изминатиот период забраниле над 240 веб-страници за приредување онлајн игри на среќа затоа што не го почитувале македонскиот правен поредок.
– Над 240 забранети веб-страници, и домашни, а не само странски, кои што никогаш не поднеле и не побарале да извадат лиценца за приредување на онлајн игри на среќа во Македонија. Го добивам ова прашање често – зошто сте забраниле некој од познатите, светски. Затоа што не го почитуваат македонскиот правен поредок никогаш не ни аплицирале да добијат дозвола и не се информирале дали би можеле некако да приредуваат игри на среќа онлајн за македонски граѓани и во исто време ги злоупотребуваат податоците на граѓаните. Често тие податоци беа искористувани за продажба, нивните средства не беа безбедни и во таа насока е и забраната на нелегалните онлајн приредувачи на игрите на среќа. Ова е трет бран во кој што забранивме нови 50-тина – нагласи министерот Андоновски во вечерашното гостување во„Вести плус“ на Телевизија Канал 5.
Андоновски информира дека Министерството за финансии подготвува нов Закон за игри на среќа со кој, како што рече, се очекува да се има една посериозна, посеопфатна рамка.
– Продолжуваме и понатаму со анализите и ќе ги забраниме сите кои што ќе ги најдеме без каква било задршка, затоа што ова се страниците коишто ја предизвикуваат пандемијата на игрите на среќа, особено кај најмладите кои законски не можат да влезат во обложувалница или во казино да учествуваат во игри на среќа, па користат лични карти или кредитни картички на свои родители или блиски лица за да играат игри на среќа нелегално онлајн. На овој начин ги штитиме младите, ја штитиме државата, а со новиот Закон на игри на среќа кој го подготвува Министерството за финансии ќе имаме една посериозна, посеопфатна рамка во овој дел. Ова беше наша акција за да не ги чекаме измените на овој Закон за да поставиме некој ред во онлајн приредувањето на игри на среќа. Но не запираме тука. Со новите измени на Законот ќе продолжиме со овој пристап, затоа што во ред е да постојат игри на среќа, во ред е тие да бидат забава, но тие не можат да бидат пандемија којашто претставува поголема болест и зависност од било која друга зависност во државата – рече министерот Андоновски.