ГИ РАЗОЧАРАВМЕ ОСНОВАЧИТЕ НА НЕЗАВИСНОСТА Време е за големи работи, вели Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема цел да лови виновници, туку неговата цел е посочо дека мора да дојде крај на вртењето во еден ист затворен круг и да се направат големи исчекори напред.
Триесет години се доволен период да се направи една оспежна анализа за тоа што сме денес, дали дрвото беше насадено исправно, и зошто сега е натежнато и зошто сега е искривено, кои беа очекувањата, каков беше заветот, и каде дојдовме, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на одбележувањето на Денот на независноство Битола.
Тој рече дека дилемата е дали го оправдуваме заветот на татковците на оваа нација, кои деведесеттите се потпираа на асномците, а асномците на илинденците и се така наназад во нашата богата историја.
-Не сме дрво без корен, и работата е што корењата се премногу длабоки, а сеќавањата не напуштаат лесно. И не дека и во минатото не се правеле грешки во историјата, но секогаш имало мудрост да се прескокнуваат препреките. Нашето дрво беше засадено со крвта и страдањата на многу генерации кои веруваа во слободата, но овие 30 години истото сериозно е навалено и натежнато.Затоа можам со горко чувство и со тага во мене да соопштам дека овие 30 години ги разочаравме основачите на независноста на државата. Не го исполнуваме како држава во целост нивниот завет. А зад ова што го говорам е чувството дека по малку, чекор по чекор се губи државата. А работите се вртат во еден ист круг – рече Мицкоски.
Тој рече дека нема цел да лови виновници, туку неговата цел е посочо дека мора да дојде крај на вртењето во еден ист затворен круг и да се направат големи исчекори напред.
– Европа и Светот незапирливо трчаат напред, бележат рекорди, создаваат и живеат според вредности.
Денес за прв пат во овие 30 години имаме соочување со огледалото, и целосната блокада за членство во ЕУ, а тоа само говори дека како држава немаме цели кон кои се стремиме и движиме. Не е суштината да велите дека сте решите проблем како тој со Грција, со кој подоцна ќе отворите 5 нови проблеми. Не е главното да се откажете од се што е за вас значајно како народ и да кажете направив исчекор со Бугарија. Потребно е да се има мудрост, како што беа мудри и Глигоров и Кљусев, како што мудро се водеше политиката од експертската влада која ја застана на нозе земјата. И низ бури и низ премрежја не дозволија темелите да бидат разнишани – рече Мицкоски.
Според него, апатијата, затворениот круг ја одзема енергијата кај народот и го прави индиферентен кон случувањата, кон оние кои владееја до транзицијата, но и оние кои им се продолжена рака, нивни најдобри синови и ќерки.
-И одбивам да влегувам во кампања на меѓусебни обвинувања, клеветења, расипани игри од кој полза имаат само оние кои ги ползуваат придобивките од власта, на еден нечесен и лукративен начин.
Сакам само да појаснам дека оваа нова генерација на луѓе кои се занимаваат со политика со мачнина гледа на обидите сите да не вовлечат во нивната игра на меѓусебни обвинувања. Тоа не е наша цел. Ние мора да направиме црта со минатото и со таквите луѓе и да ја направиме разликата – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој појасни зошто прославата на ВМРО-ДПМНЕ е во Битола, а не во Скопје.
– Денеска сме тука затоа што сакаме да направиме паралелна со сето она кое што се случува во ова наше тешко реално секојдневие политичко, а истата таа паралела не сакаме да биде со онаа паралелна прослава на Владата, затоа што ВМРО не учествува во паради кои ги прави власта, и кога на власта и е поедноставно, поудобно, да ги гази дебелите килими во Собранието, да парадира низ Скопје, на ВМРО-ДПМНЕ му е чест и поудобно да биде овде во Битола заедно со народот – рече Мицкоски.
Мицковски рече дека сонува за големи работи за Македонија.
-И не е доволно човека само да сонува, туку и да работи на остварување на тој сон. Јас сум подготвен за тоа.Јас го имам правото и честа да зборувам за тие цели, затоа што ги знам, ги имаме дефинирано и затоа што на сцена доаѓа нова генерација на политичари кои го имаат правото да зборат за тие цели.
Нашата цел во следните 30 години мора да биде да влеземе во првите 15 економии во Европа. Да не збориме за мини шенгени како стратешки цели, туку да се бориме стандард да постигнеме како една Австрија. Економијата да расте со просечни од 5 до 6 проценти годишно, а не да се радуваме на секој еден обичен плус во економијата – рече тој.
според него цел на македоснките граѓани треба да биде да влезат како Македонци во Европската унија со наш идентитет, и зачувани традиции.
– Да бидеме на масата на рамноправните, и одвнатре да се бориме за нашите права. И не само влез во Унијата, туку и уривање на границите меѓу земјите и влез во Шенген зоната.Нашата цел за наредните триесет години мора да биде уривање и на последните стереотипи, поделби, клевети и обвинувања. Јас ќе уривам ѕидови кои делат и ќе градам мостови кои што ќе обединуваат. Ќе обединуваат буквално од Липково до Кривогаштани, од Тетово до Штип.Мора да градиме мостови, и да се разликуваме помеѓу себе и да се разликуваме помеѓу себе и по идеите и во натпреварот кој повеќе ќе направи за нашата Македонија.Нашата нова цел мора да биде интегрирано здравство каде луѓе од Европа ќе доаѓаат да се лечат во земјава затоа што имаме знаење и услови за тоа, а не да умираат луѓе по болници затоа што нема ресурси за да се спасуваат човечки животи. Мора да се намалат класните разлики преку жестока битка за стандардот – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека земјата зе наоѓа на крстопат.
– Ова е тој крстопат по кој се решава за судбината на нашата земја и идните генерации. Затоа е важно народот кој одлучува да има јасна слика за тоа какви одлуки се носат- врече Мицкоски.
Мицкоски рече дека е време за гоеми работи.
-Време е Македонијо за големи работи. Најдоброто допрва доаѓа. А Македонија сме сите ние, Македонија сте сите вие. Од нас зависи. Сите ние сме ковачи на судбината и ние мораме да ги преземеме работите во свои раце. Да го препознаеме и издвоиме црното од белото, да ги препознаеме лажните пророци и вистинските синови и ќерки. На Македонија и треба нејзиниот народ, затоа што Македонија е тука за нас. Среќен роденден татковино -рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во говорот по повод Денот на независноста на плоштадот „Магнолија“ во Битола.