ГИ КРИЕТЕ ПО ВЛЕЗОВИ, А ТИЕ СИ ШЕПКААТ „КОМШИЈА, КАКО СИ?“ Арсовска побара од советниците да го викнат директорот на Катастарот на прес-конференција

Градоначалниката на Скопје вчера негираше дека наплатата на даноци во Град Скопје се реализира со потешкотии, туку дека оние граѓани кои се во даночниот систем се дисциплинирани, туку проблемот е како што посочи Арсовска, граѓаните кои според неа ги крие директорот на Катастар.

1,417

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вчера потворно го обвини директорот на Агенцијата за катастар за недвижности, Борис Тунџев дека установата која ја предводи не им дозволува на градските служби пристап до податоците на граѓаните кои треба да бидат внесени во системот за наплата на данокот на имот.

– Од данокот на имот што би требало да се слее во касата на Градот Скопје, градските власти успеваат да соберат само 25 проценти, а за останатите 75 отсто од Агенцијата за катастар на недвижности не ги даваат податоците – рече Арсовска на вчерашната седница на Советот на Град Скопје.






Таа вчера негираше дека наплатата на даноци во Град Скопје се одвива со потешкотии. Таа посочи дека оние граѓани кои се во даночниот систем се дисциплинирани, но дека проблемот е во тоа што има граѓани кои воопшто не добиваат решенија за наплата на данок на имот.

– Директорот не дозволува Градот да има пристап до матичните броеви на кои имаат имоти низ Скопје. Ние не можеме да најдеме пристап до податоци на едно физичко лице и да му доставиме пријава за наплата на данок, а илјадници наши граѓани ги криеле и во овој момент не си плаќаат даноци, а со тоа се спречува да се слеваат пари во буџетот на Градот – обвини градоначалничката.

Арсовска побара од советниците да го повикаат директорот на Катастар на прес-конференција и да им открие кои „моќници“ ги крие за да не плаќаат данок на имот на Град Скопје.

– Мора да каже директорот кој колку станови има и во која зграда, каде што и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ кога ќе влезат во влез си викаа „комшија, комшија, како си“ и си молчат меѓусебно. Тоа треба да го каже тој, а секој граѓанин знае дека мора да се достават податоци за да може да се наплати данок на имот – рече градоначалничката од говорницата на Советот.

Од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) за Плусинфо го потворија истиот став од соопштението кое беше испратено пред речиси две недели.

– Градоначалничката на град Скопје, во серија јавни настапи, бара оправдување за состојбата во која го доведе градот, спомнувајќи ја Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) за еден од клучните фактори за ненаплатените даноци. Според неа, за над 75% ненаплатен данок, од вкупниот број граѓани кои поседуваат имот на територијата на Град Скопје е виновна АКН – велат од Агенцијата.

Согласно Законот за локална самоуправа, се уредуваат надлежностите и финансирањето на општината, точно е наведено дека општините се финансираат и од сопствени извори на приходи со наплата на локалните даноци и надоместоци и такси утврдени со закон. Исто така и Агенцијата за катастар на недвижности има дел кој го остварува преку самофинансирање и наплаќање на изготвени податоци. Развојот на системите, за подобрување на квалитетот на услугите кои ги нуди АКН, овозможување и размена на високо квалитетни и ажурни дигитални податоци и сервиси на национално и регионално ниво, Агенцијата го финансира од средствата од сопствени приходи.

– За да излезе во пресрет на потребите на локалната самоуправа, Владата на Република Северна Македонија, заедно со Агенцијата за катастар на недвижности ги намалија цените по индикација за недвижност на 20 денари по податок за секоја недвижност. Што во проценти изнесува 60% намалување на сумата која се наплаќа за овие податоци. Не се работи за никаков попуст, туку за одлука зад која стојат Владата и Агенцијата за катастар на недвижности. Простата математика е лесно да се направи за вкупно 416.677 парцели и делови од згради чија цена по индикација е 20 денари. Или, сите 51.209 имотни листови општината може да ги добие за 210 денари по примерок. Затоа, ја упатуваме градоначалничката Арсовска да избере еден од начините и да направи нови пресметки – додаваат од Агенцијата.

Во земјава главно се применува систем на доброволно пријавување на данокот на имот. Според Законот за данок на имот, даночен обврзник е правно и физичко лице сопственик на имотот. Во случај кога сопственикот не е познат или не е достапен, обврзник на данокот на имот е правно и физичко лице корисник на имотот. Обврзник на данокот на имот може да биде и плодоуживателот, а ако имотот е во сопственост на повеќе лица, секој од нив е обврзник на данокот на имот сразмерно на сопственичкиот дел. Обврзник на данокот на имот е и правно и физичко лице-корисник на недвижен имот во сопственост на државата и општината.

Данок на имот се плаќа на недвижен имот, освен за оној имот кој е ослободен од плаќање на данок.

Даночната стапка за данокот на имот во РСМ се движи пропорционално од 0,10% до 0,20% на пазарната вредност на имотот. Висината на стапките со одлука ја утврдува советот на општината, советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје согласно Законот за градот Скопје. Најголем дел од општините ја применуваат најниската стапка на оданочување.

Граѓаните кои веќе поднеле даночна пријава не поднесуваат даночна пријава секоја година, доколку немаат промени на податоците содржани во претходно поднесената даночна пријава, а кои се од влијание за висината на даночната обврска.

Казните за непријавување данок на имот според законот изнесуваат од 200 до 350 евра, а за правните лица глобата е од 2.500 евра.

Во земјава, според последниот попис има 598.632 домаќинства и 839.174 станови.

Поврзани содржини