📷 ГИ КРИЕЛ ЦИГАРИТЕ ВО ЦЕВКА ПОД ЦИСТЕРНАТА Царината спречила обиди за криумчарење вино, ИТ опрема, автомобилски делови

Царински службеници на граничен премин Богородица во една цистерна пронашле дури 49 штеки цигари и 300 грама тутун за пушење скриени во цевката за црево, како и во цевката во долниот дел од цистерната.

207

Царински службеници и мобилни царински тимови во текот на минатата недела спречиле обиди за криумчарење цигари, вино, ИТ опрема, автомобилски делови,а во еден случај запленети се 30.000 евра, соопштија денеска од Царинската управа. Бил спречен и нелегален влез на мигранти.






Царински службеници на граничен премин Богородица во една цистерна пронашле дури 49 штеки цигари и 300 грама тутун за пушење скриени во цевката за црево, како и во цевката во долниот дел од цистерната.

– Возачот на товарното моторно возило – цистерна, за да може полесно да ги извади штеките цигари ги поврзал со сајла и така ги скрил во цевките, сѐ со цел да избегне плаќање давачки во износ од 81.000 денари. Против него е поведена соодветна постапка, а штеките цигари и тутунот се запленети.

Во друг случај на граничен премин Богородица Службата за мобилни скенери при скенирање на товарно моторно возило – цистерна, откри 6 штеки цигари скриени во кабината, се наведува во соопштението.

Запленети се и 30.000 евра што патник сакал нелегално да ги изнесе преку граничен премин Богородица. Од Царина појаснуваат дека станува збор за српски државјанин кој со себе носел 40.000 евра и за кои возачот не поседувал потврда за пријавени платежни средства при влез во државата. Согласно закон на патникот му се вратени 10 илјади евра, износ што нерезиденти може слободно да го изнесат од државата, додека останатите 30.000 евра се задржани.

Службата за мобилен скенер спречила и обид за нелегален влез на четири мигранти, државјани на Египет. Мигрантите биле пронајдени во просторот за палети на камион со грчки регистарски таблички, на влез во државата, на граничен премин Богородица. Случајот е предаден за понатамошна постапка на полициските службеници од граничниот премин.

Спречен бил обид за шверц на 540 шишиња вино што биле скриени во автобус, пријавен за влез во државата на граничен премин Блаце.

При контрола на автомобил управуван од албански државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија, биле пронајдени 143 резервни делови за возила и 24 литри моторно масло.

„Три таблети, две матични плочи и четири читачи на жетони за кафе-апарати се откриени во багажникот на автомобил со македонски регистарски таблички на влез во државата на граничниот премин Блаце“, соопштија од Царинската Управа.

Поврзани содржини