ГИ ИЗБРИШАА ПОСТУЛАТИТЕ НА АСНОМ Максо ги повика чесните социјалдемократи да ја урнат власта

Во изјавата за медиумите во Битола, претседателот на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Максим Димитриевски, рече дека ЗНАМ се формирал како политички субјект заедно со граѓаните и се афирмира како нова политичка сила во Македонија.

1,752

Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, од Битола ги повика граѓаните да се придружат во борбата за менување на владеачката структура која се однароди од членството на СДСМ и од народот.

Караванот ЗНАМ денеска, по Охрид и по Ресен, беше и во Битола. Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, носителката на листата за кандидати за пратеници во изборната единица, Весна Бендевска, како и другите кандидати, имаа повеќе средби со граѓаните.






Во изјавата за медиумите во Битола, Димитриевски рече дека движењето ЗНАМ се формирало како политички субјект заедно со граѓаните и се афирмира како нова политичка сила во Македонија.

– Нашата цел е да работиме согласно програмските определби, од граѓаните, заедно со граѓаните и за граѓаните – рече претседателот на ЗНАМ.

Димитриевски упати порака до сите чесни социјалдемократи дека вратата на ЗНАМ е отворена за нив.

– Ги повикувам заедно да работиме на менување на оваа владеачка структура којашто се однароди, не само од сопственото членство, туку и од народот. Истите тие кои се претставуваат како потомци на членовите на АСНОМ, а всушност ги избришаа постулатите на АСНОМ од Уставот на Македонија – потенцираше Димитриевски.

Претседателот на ЗНАМ ги повика сите да се придружат за да ја водат оваа борба заедно и до крај.

– Да победиме на овие избори и во иднина да бидеме коректив на секоја власт и на секоја опозиција во државата од позиција на трета политичка сила која се вика Движење ЗНАМ – рече тој.

Носителката на листата за Изборна единица 5, Весна Бендевска, потенцираше дека ЗНАМ добива сѐ поголема и сѐ помасовна поддршка за парламентарните избори на 8 мај.

– Сега, сите знаеме дека сме на вистинската страна – рече Бендевска и ги повика граѓаните да го заокружат бројот 7 бидејќи ЗНАМ знае како заедно со граѓаните да ја подигне Македонија на нозе и да ја води државата достоинствено и чесно.

Поврзани содржини