ГИ ГЛЕДААТ ЗОРАН И ХРИСТИЈАН, A МЕЧТААТ ПО БРАНКО И ЉУБЧО Дуелот на Заев и Мицкоски ги разочара граѓаните

Аналитичарите сметаат дека и двајцата партиски лидера се свесни за своите пропусти и за ниското, па дури и срамно ниво на комуникација пред очите и ушите на граѓаните, но принудени се тоа да го прават поради големиот страв што го чувствуваат од противникот и од исходот на изборите.

909

„Со закон да се забранат ТВ дуелите“, „Барем да пишевте дека содржината е за +18“, „Две свекрви се караат“, „Како во турска серија“, „Вратете ги Бранко и Љубчо“.

Вакви беа реакциите на голем дел од граѓаните додека на Канал 5 течеше телевизиското соочување на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.






На вчерашната дебата, како потполно безгласни да беа молбите на домаќинот, кој бараше гостите да ги смират страстите и да не зборуваат во исто време, како и да го почитуваат зборот и мислата на соговорникот. Таму, во студиото на Канал 5, како да беа седнати единствено Зоран Заев и Христијан Мицкоски, а за тоа најдобро говори фактот дека во најголемиот дел од емисијата зборот на водителот како воопшто да немаше значење. Доминираа критиките, упаѓањата во збор, лебдеа суети во воздухот.

Според политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо, токму вчерашниот дуел уште еднаш потврди дека апсолутно ништо не се сменило во изминатите три децении. Како што објаснуваат нашите соговорници, жално е тоа што граѓаните и по 30 години сè уште носталгично копнеат по телевизиските соочувања на поранешните премиери Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, на кои исто така не се избирале зборови, но дебатите сепак течеле на повисоко ниво.

Аналитичарите сметаат дека и двајцата партиски лидера се свесни за своите пропусти и за ниското, па дури и срамно ниво на комуникација пред очите и ушите на граѓаните, но принудени се тоа да го прават поради големиот страв што го чувствуваат од противникот и од исходот на изборите. Сега, за разлика од времето на Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски, појаснуваат експертите, постојано и од двете страни слушаме за тоа кој, за што и колку време ќе лежи во затвор. Аналитичарите велат дека разликата е во тоа што сегашните политичари сакаат да им наметнат на граѓаните дека живееме во демократско и во европско општество, а од друга страна, истите тие граѓани секојдневно сведочат за нови афери и скандали на власта.

Стравот фотелјата ја чува

Првиот министер за надворешни работи, Денко Малески, се согласува со мислењето на поголемиот дел од јавноста дека денешните политички дебати наликуваат на турски серии, а како што вели, стравот од противникот и исходот од изборите се главните причини поради што двајцата лидери на најголемите политички партии во земјава се служат со реторика која не е својствена за земја во којашто владее демократијата.

Апсолутно ништо не е сменето во дискурсот, а веќе 30 години живееме во демократија.

Денко Малески Прв министер за надворешни работи

– Англичаните имаат една поговорка која гласи: „Лесно е да бидеш полемичен без да си конструктивен“. Сметам дека во нашето општество недостига конструктивноста. Искрено, не го изгледав целосно вчерашниот дуел помеѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски, но од тој половина час што ги вложив пред телевизорот, сфатив дека ништо не се сменило во однос на пристапот, реториката и начинот искажување различни ставови. Затоа, нормални и очекувани се реакциите на јавноста дека дуелите на најголемите политичари во земјава наликуваат на турски серии. Но, исто така, за жал, можам да кажам дека не беше нешто многу различно и во минатото, кога во вакви дебати учествуваа Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски. И тие дуели беа напнати исто како и сегашните. И тогаш политичарите не избираа зборови, а и сега не избираат. Искрено, не гледам голема разлика од тоа време и тоа многу ме загрижува. Апсолутно ништо не е сменето во дискурсот, а веќе 30 години живееме во демократија. Тоа е така поради отсуство на желба на самите политичари, но и поради големиот страв од противникот и од исходот на изборите. Во нормални демократски земји, политичарите не треба да се преплашени од резултатите на изборите – изјави Малески за Плусинфо.

Пароли и површни примери

Напади и контранапади, наместо аргументи и понуда. Вака политичкиот аналитичар Петар Арсовски накратко го оценува вчерашниот телевизиски дуел помеѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Тој вели дека и двајцата политичари водат силна борба за политички впечаток и нивната реторика е агресивна поради тоа што и двајцата сакаат да ги зграбат симпатиите кај повеќе публики.

– И двајцата политичари водат борба за политички впечаток, а како што можеше да се види од дебатата, тие помалку се фокусираа на аргументите и на понудите отколку на нападите и контранападите. Тоа е така затоа што и Заев и Мицкоски подолго време немаа можност да се соочат, па сега им се укажа простор да покријат повеќе работи во помалку простор. Фокусот е премногу широк, има премногу теми за разговор и премалку време, па затоа и самата дебата се сведува на пароли и на површни примери – објаснува Арсовски.

Кога се оди на телевизиски дуел, тој што е на власт секогаш чувствува поголем ризик отколку тој што е во опозиција.

Петар Арсовски Политички аналитичар

Кога се оди на телевизиски дуел, додава тој, политичарот на власт секогаш чувствува поголем ризик отколку политичарот во опозиција.

– Така беше и со поранешниот премиер Никола Груевски, кој долго време одбегнуваше телевизиски дуели – вели Арсовски.

Порано немаше дебати

Политикологот Ана Чупеска, пак, во изјава за Дојче веле оценува дека атмосферата за време на телевизискиот дуел била демократска и дека би било убаво почесто да гледаме вакви соочувања.

– Во минатото паметиме, немаше дебати. Од тој аспект ме радува одреден демократски капацитет кој го покажа Мицкоски. Но, останува прашањето како после толку години, Мицкоски сè уште не се дистанцира и не ги осудува постапките на владеењето на Груевски. Исто така малку е несериозно лидерот на најголемата опозициска партија да ја нарекува надворешната политика на оваа Влада катастрофална, со оглед дека во периодот на владеењето на неговата партија Македонија беше тотално изолирана од меѓународната заедница, а денес имаме коперникански скок напред со членството во НАТО и решавањето на деценискиот спор со Грција. Дополнително, за економските стратегии на партиите, очигледно и очекувано тие се во духот на предизборната атмосфера, но факт е дека општеството во последниве неколку години со зголемувањето на своите демократски капацитети на сите нивоа, консеквентено ги зголеми и економските перформанси. Денес се воспоставуваат сè подобри услови за здрава пазарна конкуренција и раст, кој е и фактички нотиран. Она што сè уште ме загрижува во голема мера е отсуството на конструктивност кај ВМРО-ДПМНЕ, посебно во надворешната политика – посочува Чупеска.

Поврзани содржини