ГЕРМАНСКИОТ ВЕСНИК ДО СРЖ ЈА РАЗГОЛЕ ПИРАМИДАТА НА КРИМИНАЛОТ Мицкоски се согласува дека неказницноста ги разочарува граѓаните
Овде проблемот станува сѐ подлабок и потежок за решавање и тоа е наш проблем и треба ние да си го решиме. Како ќе го решиме? Се знае, со промени, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените” беше во посета во Општина Зелениково и запрашан за коментар на германскиот ФАЦ кој ја критикува владата на Македонија, истакна дека овој весник до срж практично ја разголе пирамидата на криминалот која што функционира во Македонија.
– Германскиот реномиран весник ФАЦ до срж практично ја разголе пирамидата на криминалот којашто функционира во Македонија и кога ние алармираме 6 години дека ова се случува, за жал и од страна на одредени европски политичари тоа наидува на игнорирање – потенцираше Мицкоски.
Мицкоски во врска со ова овој проблем укажа дека тој треба да се реши, а тоа ќе биде преку промени коишто ќе донесат една нова иднина, политичари со план и визија како да ја развиваат Македонија.
– Овде проблемот станува сѐ подлабок и потежок за решавање и тоа е наш проблем и треба ние да си го решиме. Како ќе го решиме? Се знае, со промени. Затоа е важно за неколку месеци од денес да направиме промени кои што ќе донесат една нова иднина, политичари со план и визија како да ја развиваат Македонија. Во спротивно ќе продолжиме да тонеме во криминал и политичка корупција која што ја гледаме 6 години и од ден во ден станува се поакутна и би рекол алармантна, се доведува под знак прашање непостоењето на системот, тука постоењето на државата – додаде Мицкоски.
Владата на ДУИ и СДСМ, додаде тој, за 6 години го зголеми долгот за речиси 2,5 милијарди евра за да имаат повеќе пари за наместени тендери, значи постои основано сомневање за историски политички грабеж од страна на политички криминалци
– Економската политика на Владата на СДСМ и ДУИ или ДУИ и СДСМ ја доведе Македонија до бездната. Тие не чувствуваат никаква патриотска припадност и должност кон државата и континуирано ја носат во бездна и провалија на начинот на кој тие работат. Долгот галопира дојде до 8,3 милијарди евра што претставува практично околу 58 проценти од БДП, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ако направиме споредба со регионот, да речеме Србија едно време која беше многу напред сега е позади Македонија некаде отприлика 53,5 проценти, посочи тој, Косово кое сѐ уште реално нема оформено државност е некаде до 20 проценти.
– Така што политиките на Владата, додаде Мицкоски, се поразени тие капитулираа. Капитулираа и на друг план инфлацијата е некаде околу 8,4 проценти, а во еврозоната е 4,3 проценти речиси двојно помала. Што значи тезата дека е увезена не држи. Повторно е уште една лага на власта – укажа Мицкоски.
Мицкоски објасни зошто сето ова се случувало во изминатите години владеење на СДСМ и ДУИ.
– Владата на ДУИ и СДСМ во овие шест години за речиси 2,5 милијарди евра го зголеми долгот за да имаат повеќе пари за наместени тендери, тендери кои потоа ги договараат во 4 очи или со други зборови кажано постои основано сомневање за историски политички грабеж од страна на политички криминалци кои 6 години ја водат Владата – заклучи Мицкоски.