ГЕРМАНИЈА ВЕЌЕ НЕ МУ ДАВА ВОЕНА ОПРЕМА НА ИЗРАЕЛ Најважно е да се ослободат израелските заложници и да продолжат преговорите за примирје во Газа, посочи Мерц
Германската влада нема да одобри никаков извоз на воена опрема во Израел што би можела да се користи во Појасот Газа до понатамошно известување, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц во врска со планот на Израел да ги прошири своите воени операции на палестинската територија.
– Ослободувањето на израелските заложници и преговорите за прекин на огнот се главни приоритети на Германија – рече Мерц, изразувајќи длабока загриженост за страдањето на цивилите во Појасот Газа.
Германија е цврст поддржувач на Израел со децении, забележуваат агенциите.
Високиот комесар за човекови права на ОН, Волкер Турк, претходно изјави дека планот на израелската влада за целосно воено преземање на Газа е спротивен на одлуката на Меѓународниот суд на правдата, која наложува Израел што побргу да ја заврши својата окупација, на договореното решение за две држави и на правото на Палестинците на самоопределување.
Израелскиот политичко-безбедносен кабинет во петокот одобри план за преземање на контрола врз Газа Сити, во рамките на пошироката воена операција што премиерот Бенјамин Нетанјаху ја најави како целосно преземање на целиот Појас Газа.
Оваа одлука доаѓа по речиси 2 години војна, која предизвика масовни жртви и раселување на цивилното население.