ГЕРМАНИЈА РАЗМИСЛУВА ЗА КАРАНТИН И РЕДОВНИ БРЗИ ТЕСТОВИ ЗА СИТЕ И вакцинираните ќе мораат да се тестираат!

Последните седум дена земјата има над 4.000 заразени на 2 милиони жители, а се размислува за карантин за невакцинираните, а за сите останати, вклучително и вакцинираните, редовни брзи тестови за корона, кои би биле на трошок на државата.

531

Карантин за сите кои не се вакцинирани е предложен во Германија, а земјата сака да воведе и редовни брзи тестови за сите граѓани, вклучително и вакцинираните, пренесува Индекс. Таму последните седум дена беа рекордни по новозаразените случаи: секојдневно се заразуваат 200 жители на секои 100.000 жители, или за споредба, тоа се 4.000 случаи на секои 2 милиони Германци.

Рекордните ковид-бројки направија властите да ги преиспитаат правилата 2-Г и 3-Г кои важат за ковид-мерките. Претседателот на Германската лекарска комора Клаус Рајнхард се изјасни за значително проширување на примената на т.н. „Правила 2-Г“, пишува Дојче веле.






Низ целата земја, посочи тој, само вакцинираните луѓе и оние кои ја прележале короната треба да смеат да посетуваат ресторани, јавни настани или кина. Доколку е потребно, потребни се карантински мерки за невакцинираните лица, вели овој лекар.

Буквално сите да се тестираат, цело време

Здравствениот експерт од СПД, Карл Лаутербах, побара правилото 2-Г „да се применува на сите области кои не се дел од набавките на секојдневните потреби, како што се продавниците или аптеките“. Слична изјава даде и генералниот директор на германското здружение на градови Хелмут Деди.

Вирологот Јонас Шмит-Чанасит, од друга страна, предупреди дека ефектот од правилото 2-Г не е преценет. Тоа дава „лажна сигурност“, изјави Шмит-Чанасит за „Deutschlandfunk“. Вакцинираните луѓе, исто така, можат да се заразат и да го пренесат вирусот, дури и ако се со помала веројатност. Ако навистина се бара безбедност, само Формула 1-Г може да помогне – се работи за тестирање на сите, без разлика дали се вакцинирани, невакцинирани или излечени.

Брзите тестови ќе бидат бесплатни … и редовни

Лекарите вработени во јавната служба во Германија бараат значително проширување на брзите тестови за ковид и за вакцинирани лица.

– Колку е поголема инциденцата, толку е понеопходно да се тестираат вакцинираните луѓе, покрај оние кои не биле вакцинирани – изјави за медиумската група „Функе“ Уте Тајхерт, претседател на Сојузното здружение на лекари вработени во јавните здравствени установи.

Секторот за малопродажба и угостителство, исто така, ги повика провинциските влади и федералната влада да воведат бесплатни брзи тестови што е можно поскоро.

– Тестовите за коронавирусот мора повторно да бидат бесплатни, инаку ризикот е едноставно преголем бидејќи многумина, обидувајќи се да ги избегнат трошоците, ќе заразат други луѓе-изјави извршниот директор на HDE Trade, Стефан Гент за „Augsburger Allgemeine“.

 

Правилото 3-Г на работното место?

Претседателот на лекарската комора, Клаус Рајнхард, исто така смета дека работните места треба да станат побезбедни, а тоа значи примена на правилото 3-Г: вакцинирани, тестирани и прележани се единствените граѓани кои ќе можат да работат во земјата.

Баварскиот премиер Маркус Содер дури бара и построги правила на работното место:

– Неопходно е да се воведе формулата 3-Г на работното место низ Германија – изјави шефот на баварската ЦСУ на новинарите на медиумската групација „Функе“. И работодавците мора да имаат право да прашаат дали вработените се вакцинирани или тестирани – вели тој.

Седер бара повеќе тестирањa и трета доза

Од 11 октомври, многу луѓе во Германија веќе не можат бесплатно да се тестираат за коронавирус. Оправдување за тоа беше фактот што понудите за вакцинација беа достапни за голем број луѓе. Баварскиот премиер Седер сега се залага брзите тестови да бидат „повторно бесплатни“.

Тој препорачува и проширување на примената на третата доза од вакцината и на општата популација, со што ќе се зголеми притисокот врз Постојаната комисија за вакцинација.

– Мора да биде возможна освежителна вакцина за секој кому му е потребна и што ја сака – рече Седер. – Би помогнало доколку Постојаната комисија за вакцинација даде општа препорака.

Федералните и покраинските министри за здравство веќе вчера одлучија дополнителната вакцина да биде достапна за сите.

– Засилената вакцинација треба да стане правило по шест месеци, а не исклучок – смета сојузниот министер за здравство Јенс Шпан.

Комисијата за вакцинација досега препорача само дополнителна вакцина за одредени групи луѓе.

Најголема заразност во Германија од почетокот на пандемијата

Германија објави рекордна висока седумдневна инциденца од 201,1 потврдени случаи на коронавирус на 100.000 жители, соопшти во понеделник наутро Институтот Роберт Кох (РКИ).

Ова е највисока бројка за седумдневна инциденца од почетокот на пандемијата на ковид-19. Бројката во понеделник е зголемена од 154,5 во четврток и 130,2 претходната недела.

Претходниот рекорден број од седумдневна инциденца од 197,6 беше објавен лани зимата, на 22 декември 2020 година, во екот на вториот бран на пандемијата.

Експертите велат дека треба да се земе предвид дека за разлика од пред една година многу луѓе во Германија сега се вакцинирани и велат дека инциденцата е особено висока кај многу старите луѓе, кои се изложени на висок ризик за ковид-19.

Што е уште полошо, Германија во моментов нема влада. Привремената влада на канцеларката Ангела Меркел се соочува со дилема. Министрите од техничката влада не сакаат да преземат радикални мерки додека се водат коалициските разговори за формирање нова влада.

Поврзани содржини