Германските власти од понеделник ќе воведат едномесечни ограничувања на јавниот живот кои вклучуваат затворање на рестораните, театрите и вежбалните поради напливот на новозаразени со коронавирус.
„Потребно е да реагираме веднаш“, изјави канцеларката Ангела Меркел.
Почнувајќи од понеделник, 2 ноември, приватните собири ќе бидат ограничени на 10 лица од најмногу две домаќинства. Рестораните, баровите, театрите, кината, базените и вежбалните ќе бидат затворени, а концертите откажани.
Професионалните спортски настани ќе се одржуваат зад затворени врати. На граѓаните им се препорачува да не патуваат од приватни или причини кои не се неопходни, а престојот во хотелите ќе биде дозволен само за неопходни бизнис патувања.
Училиштата и градинките ќе останат отворени, како и продавниците, со строго почитување на мерките за социјална дистанца и хигиена. Владата ќе обезбеди пакет од 10 милијарди евра помош за фирмите кои ќе мора да затворат или ќе бидат во загуба поради мерките.
Помалите фирми, до 50 вработени, ќе добијат 75% од минатогодишните приходи за месец ноември.