ГЕРМАНИЈА ЌЕ ГО ЗАСИЛИ ПРИТИСОКОТ ВРЗ МОСКВА Мерц му вети на Зеленски проширена воена поддршка
Германскиот канцелар Фридрих Мерц му вети на Зеленски дека Берлин ќе ја засили воената поддршка и притисокот врз Москва, откако Русија изврши нови масовни напади врз Украина.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека Берлин ќе го засили притисокот врз Москва и ќе ја прошири соработката со Украина во областа на одбранбената индустрија, јави агенцијата ДПА.
– Канцеларот му вети (на Зеленски) дека Германија ќе ја продолжи својата поддршка и ќе ја прошири соработката во одбранбената индустрија – изјави владиниот портпарол Штефан Корнелиус, додавајќи дека Германија, заедно со своите западни партнери, ќе го засили политичкиот и економскиот притисок врз Кремљ.
Украинскиот претседател Зеленски, преку социјалната мрежа „Икс“ (поранешен Твитер), изрази благодарност за германската поддршка, нагласувајќи дека токму во момент на силни руски напади помошта од сојузниците е клучна.
„Денеска Русија изврши терористички напад врз Украина, таргетирајќи ја нашата енергетска инфраструктура и користејќи стотици дронови и десетици проектили“, напиша Зеленски.
Тој додаде дека Германија дала „значаен придонес за заштитата на украинскиот народ“ и ја нагласи „длабоката благодарност за солидарноста и поддршката“ од Берлин.