„Гересхајмер“ отвори фабрика во Бунарџик ќе произведува медицинско стакло и пластика
Инвестицијата е од 25 милиони евра со најава за 400 работни места.
Германската компанија „Гересхајмер“ денеска официјално ја отвори фабрика во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2 во Бунарџик за производство на специјализирани производи од медицинско стакло и пластика.Инвестицијата е во износ од 25 мнилиони евра со најавено отворање на 400 работни места.
Оливер Бургел, потпретседател на „Гересхајмер“ рече дека поради ковидкризата изгубена е половина година за компанијата.
– Во следните два до три месеци ќе имаме значајно производство тука – рече Бургел.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски информира дека станува збор за инвестиција од областа на фармацевтската и здравствената индустрија во минимална вредност од 25 милиони евра во која треба да се вработат 400 лица.
– Ова е една од компаниите која дава плати двојно повисоки од државниот просек – рече Деспотовски.
Тој најави дека многу брзо ќе биде потпишан и договор за една од најголемите странски инвестиции во земјава.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека се прави план за поддршка на странските инвестиции во кој ќе биде вклучена и оваа инвестиција.
Првиот инвестициски циклус на „Гересхајмер“ е петгодишен и започна во 2019 година, а се очекува да заврши до 2024 година со инвестиција од најмалку 25 милиони евра.
Делегација на „Гересхајмер“, вчера на средба во Влада најави и втор инвестициски циклус за производство на стаклени шприцеви за медицински цели.
„Гересхајмер“ е водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика со годишен обрт од 1,5 милијарда евра. Како што истакна Бургел, до 2028 година планираат годишниот обрт да изнесува 3,5 милијарди евра.