ГЕРАСИМОВСКИ ВЕТУВА ГОЛЕМИ ПРОЕКТИ Нов дом за стари лица, катни гаражи и базени во Центар

Кандидатот на СДСМ најавува нов дом за стари лица, градинка, катни гаражи, базени и бесплатни оброци за учениците во Општина Центар.

209

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, најави нови капитални инвестиции и проекти со кои, како што истакна, ќе продолжи развојот на Центар како зелена, еколошки одговорна и урбано организирана општина.

Во својата програма за втор мандат, Герасимовски посочи дека општината ќе се фокусира на модерна инфраструктура, чиста животна средина и унапредување на животниот стандард на граѓаните.






– Повторно имаме победничка програма која овозможува поквалитетен живот за сите генерации – децата, младите, возрасните и пензионерите. Отпочнуваме со изградба на нов дом за стари лица, нова градинка во близина на Клиничкиот центар, набавуваме две цистерни и пет метларки за поголема хигиена, го ограничуваме движењето на возилата во Дебар маало, поставуваме две монтажни катни гаражи, градиме нов административно-граѓански објект со подземен паркинг за 300 возила и градиме два нови покриени базени – изјави Герасимовски.

Тој додаде дека преку „Центарската картичка“, жителите ќе добијат бројни поволности и попусти за локални услуги и настани.

Во делот на образованието, Герасимовски најави бесплатен оброк за учениците од прво до четврто одделение, како и бесплатни екскурзии низ Македонија за учениците од петто до деветто одделение, со цел подобро да се запознаат со природните убавини, културата и историјата на земјата.

Општината, како што најави, ќе воспостави и три слободни „Free Wi-Fi“ зони, достапни за сите граѓани и туристи.

– Во недела да излеземе сите масовно и да го заокружиме бројот 5, затоа што само така Центар ќе продолжи да се развива, да живее чисто, зелено и европски. Само оваа опција нуди реални решенија и проекти што се реализираат, грижа за секој граѓанин. Да покажеме дека сакаме Центар да оди напред, затоа што иднината на нашата општина е во наши раце – порача Герасимовски.

Поврзани содржини