ГЕРАСИМОВСКИ УПАТИ НОТА ДО АВСТРИСКАТА АМБАСАДА ПОРАДИ НЕПРОПИСНО ПАРКИРАНО ВОЗИЛО И за странските дипломати важат правилата за паркирање

Општина Центар бара од Министерството за надворешни работи да ја извести Амбасадата на Република Австрија и да преземе соодветни дипломатски мерки за спречување на вакви случаи во иднина.

687

Општина Центар испрати протестна нота до Амбасадата на Република Австрија во земјава поради непрописно паркирање и загрозување на безбедноста на пешаците.

Протестната нота е потпишана од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Во нотата се наведува:






„Општина Центар упатува најостар протест поради непрописното паркирање на дипломатско возило на австриската амбасада со регистарски таблици 22-CMD-01, кое на 8 октомври 2025 година (среда) било паркирано во пешачка зона во паркот во населбата Капиштец, во близина на улицата Народен фронт, наспроти угостителскиот објект ‘Интермецо’.

Оваа постапка претставува директно прекршување на сообраќајните правила и нарушување на јавната безбедност.

Овој простор е наменет за рекреација на граѓаните, со спортски и детски игралишта каде секојдневно престојуваат деца, млади и семејства. Со ваквото однесување се загрозува јавниот ред и безбедноста во урбаната средина.“

Општина Центар потсетува дека, и покрај дипломатскиот статус на возилата, почитувањето на локалните прописи и правилата за јавен ред и безбедност е основен принцип што важи за сите, вклучително и за дипломатските претставништва во Република Северна Македонија.

Општина Центар бара од Министерството за надворешни работи да ја извести Амбасадата на Република Австрија и да преземе соодветни дипломатски мерки за спречување на вакви случаи во иднина.

Поврзани содржини