ГЕРАСИМОВСКИ ЌЕ ГРАДИ ГРАДИНКИ ВО ПРОЛЕТ И МАЏИР МААЛО Ќе има простор за згрижување на уште 600 деца
Градинката во Пролет ќе биде сместена во дворот на основното училиште „11 Октомври“, на местото на постојните бараки и ќе располага со површина од 3.300 м2, девет занимални, две јасли и капацитет од 250 деца.
Општина Центар добива две нови детски градинки во населбите „Пролет“ и „Маџир Маало“. Станува збор за целосно нови објекти кои ќе бидат изградени следејќи ги највисоките и модерни стандарди приспособени да ги задоволат сите потреби на децата, изјави денеска Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник од СДСМ и Коалицијата во Центар.
– Навистина ме радува што го најавувам овој капитален проект кој е исклучително важен за здравиот раст и развој кај најмладите. Градинката во Пролет ќе биде сместена во дворот на основното училиште „11 Октомври“, на местото на постојните бараки и ќе располага со површина од 3.300 м2, девет занимални, две јасли и капацитет од 250 деца. Ќе има фотоволтаични системи на покривот, енергетска ефикасна фасада, антибактериски ѕидови и подови, кујна по хасап системот, инклузивно детско игралиште и дворно зеленило од 1.000 м². Истата треба да почне со работа на почетокот на 2023 година – речеГерасимовски.
Тој особено ја истакна важноста од ревидирање на ДУП-овите во општината бидејќи на местото каде што ќе се гради градинката во населба „Пролет“ по стариот ДУП бил предвиден деловен објект.
Градинките во населба „Пролет“ и „Маџир Маало“ ќе бидат изградени следејќи ги највисоките и модерни стандарди приспособени да ги задоволат сите потреби за здрав раст и развој на децата.
Со овие два објекти Општина Центар ќе го зголеми згрижувачкиот капацитет во предучилишните објекти за 30 отсто и од постојните 2.000 дополнително ќе бидат згрижени уште 600 деца.