ГЕРАСИМОВСКИ ДА ОДГОВОРИ КАДЕ ОТИДОА ПАРИТЕ ЗА „РАБОТНИЧКИ“ Мемов прашува дали салата доцни затоа што градоначалникот им должи на изведувачите

Дали Работнички ќе мора да настапи со преполовена екипа во следната сезона и да игра со играчи од младинските категории? Колку пари се двојат од буџетот на општина Центар, каде се потрошени издвоените пари за клубот, прашува портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.

155

Недомаќинскиот однос на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски го доведе кошаркарскиот клуб „Работнички“ во незавидна ситуација, потенцираше денеска Движењето ЗНАМ..

– Долговите се големи, „Работнички“ има дури шест БАТ-процеси што се водат против „центарци“.
Фактот дека управата и градоначалникот Герасимовски не успеваат да најдат начин за исплата на средствата пред стартот на сезоната говори дека чистењето на финансискиот хаос во клубот е невозможна мисија. Прашање е дали „центарци“ ќе успеат да ги решат овие спорови пред БАТ-судот на арбитража на ФИБА – рече портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.






Тој го праша градоначалникот Герасимовски дали Центар полека ја губи својата гордост,  кошаркарскиот клуб „Работнички“.

-На што се должат овие долгови на клубот и зошто Герасимовски го дозволи тоа? Дали Работнички ќе мора да настапи со преполовена екипа во следната сезона и да игра со играчи од младинските категории? Колку пари се двојат од буџетот на општина Центар? Каде се потрошени издвоените пари за „Работнички“ – праша Мемов.

Тој нагласи и дека реконструкцијата на салата на „Работничи“ е во застој и праша дали причината е поради тоа што Герасимовски им должи на изведувачите.

– „Работнички“ мора повторно да застане на здрави нозе, салата да биде завршена и претворена во модерен спортски центар, каде што младите од Центар ќе сонуваат за титули. Клубот да има стабилно финансирање и транспарентно работење со јасна стратегија и одговорно управување – рече Мемов.

Тој нагласи дека клубот „Работнички“ и City park boys се традиција со безброј освоени титули, радост, емоција, живот и светилник на Центар и на Македонија кој мора да продолжи да свети во полн сјај.

– Однесувањето на градоначалникот Герасимовски е недомакинско. Никој не смее да си игра со достоинството на „Работнички“ и на Центар. Храмот на спортот ќе биде изграден со помош на општествено одговорни компании кои ги сакаат „Работнички“ и спортот. Имаме визија и план во кој ќе се вклучат истакнати поранешни и сегашни спортски работници и ентузијасти, вљубеници во кошарката и ќе придонесат најтрофејниот клуб на Центар да се издигне повторно на пиедесталот, каде што му е местото – рече портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов.

Поврзани содржини