ГЕРАСИМОВСКИ И МУЦУНСКИ САМИ ЌЕ ГО ЧИСТАТ СМЕТОТ Градоначалниците бараат Градот да го реши проблемот во „Комунална хигиена“
Општина Аеродром, вечерва со поддршка на Општина Штип и тамошното јавно комунално претпријатие ќе спроведе акција за расчистување на натрупаниот смет во контејнерите.
Општина Аеродром, вечерва со поддршка на Општина Штип и тамошното јавно комунално претпријатие ќе спроведе акција за расчистување на натрупаниот смет во контејнерите. Акцијата на својата на својата фејсбук страна ја најави градоначалникот Тимчо Муцунски.
„На мое барање, Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов одобри испраќање на механизација и работници кои со поддршка на општинските капацитети, вечерва ќе спроведат акција за расчистување на натрупаниот смет од контејнерите“, напиша градоначалникот Муцунски на фејсбук.
И градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски најави акција за чистење на сметот во општината со почеток утре во 8 часот.
– Ги преземаме работите во наши раце, Општина Центар започнува да ја чисти општината и да го собира сметот самостојно од утре рано изутрина. Обезбедени се 4 камиони за собирање смет и еден камион за подигање контејнери, како и целата механизација на ЈП „ПОЦ“ меѓу кои три метларки и цистерна за темелно миење на улиците. Рано наутро речиси сите хигиеничари заедно со цела механизација излегува на терен. Уште еднаш апелирам Град Скопје итно да ги реши проблемите во јавното претпријатие и да започне со чистење на градот. Граѓаните не смее да бидат жртви на лошото управување во градот, ризикот по здравјето на граѓаните е огромен – информира Герасимовски.
Вакви слични акции и соработки, попладнево најавија и градоначалниците на Гази Баба и Бутел.
– Остварив телефонска комуникација со градоначалниците на општините Илинден и Петровец, Александар Георгиевски и Борче Митевски со кои се договоривме да испратат камиони за собирање на сметот од контејнерите во општина Гази Баба. Ја мобилизирав дел од администрацијата и целото ЈКП Гази Баба и во текот на вечерта ќе се превземат теренски активности за подигање на сметот. Граѓаните пред и над се“ – соопшти градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски.
Помош од општина Велес побарал и градоначалникот на општина Ѓорче Петров.
-Побарав помош од градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, кој ќе испрати соодветни возила за собирање на комунален смет. Вечерва екипите на Комунален пункт на Општина Ѓорче Петров заедно со механизација од Општина Велес ќе бидат на терен- објави градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски.
Градоначалниците од скопските општини бараат Град Скопје да го реши проблемот во „Комунална хигиена“ за да може Скопје да функционира нормално.