ГЕНЕТСКИ АНАЛИЗИ ЗА ОНКОЛОШКИ БОЛЕСТИ НА СМЕТКА НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО Ќе се испитува и ембрионот пред да се прави ин витро

Со земање на неколку клетки од ембрионот пред всадување, ќе се утврдува дали идниот плод е здрав, односно дали има генетски болести. Колку е ембрионот поздрав успешноста на ин-витрото е зголемена. Во моментот ваква анализа не се работи во Македонија, но ќе се воведе наскоро на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

140

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Природно-математичкиот факултет (ПМФ) денеска склучија договор со кој лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ ќе почне со изведување напредни молекуларно-дијагностички анализи, пред сè преку примена на генски панели за таргетирано, масивно паралелно секвенционирање од новата генерација (NGS) кај разни онколошки состојби. Со ова, најсовремените молекуларно-дијагностички процедури, вклучувајќи ги и генетските анализи за онколошките заболувања, стануваат достапни за осигурениците на товар на Фондот.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски истакна дека договорот има две клучни цели: зголемување на капацитетите за онколошките анализи со цел намалување на времето на чекање за пациентите и овозможување апликативна дејност за идните генетичари, кои се образоваат на ПМФ.






– Оваа лабораторија за молекуларна биологија и геномика е една од најсовремените не само во Македонија, туку и во регионот. Со овој договор сакавме да постигнеме две цели. Првата цел е да го подобриме капацитетот за онколошките анализи. Значи, примарната цел на договорот е тука да се прават генетските анализи за онколошките болни. Втората цел што сакаме да ја постигнеме е оваа установа да добие можност и за апликативна работа. Тука се образоваат идните генетичари за сите лаборатории во Македонија и сметавме дека добро е уште во фазата на студирање да се има можност и практично да се види како се одвиваат овие активности – рече Клековски.

Кога станува збор за услугите, тие ќе бидат од делот на NGS, односно ново генетско секвенционирање. Пакетите за услуги се во зависност од тоа колку гени се анализираат: 5, 10, 15, 20, над 50 или целиот геном.

– Има разни пакети и сите се во основа NGS-генетско анализирање. Во моментот во Македонија имаме договори со повеќе NGS-лаборатории. NGS во моментот се работи на МАНУ, каде што претежниот фокус е на ретките болести, се работи на Медицинскиот факултет – Институтот за патологија, со претежен фокус на онкологијата, на Медицинскиот факултет – Институтот за имунологија, каде што фокус се имунодефициенции и трансплантации, на Медицинскиот факултет – Институтот за судска медицина, со фокус на форензика, на идентификација и сега на ПМФ, со фокус во оваа фаза на онкологијата. Се работи и на Фармацевтскиот факултет – фокус хематологија. Покрај овие со кои имаме договор, има и приватни лаборатории што работат NGS, а надвор од медицината NGS работи и Ветеринарниот факултет за сопствени потреби – рече Клековски.

Лабораторијата на ПМФ треба да послужи како втора лабораторија која ќе ја покрива онкологија, за да се обезбедат и повеќе услуги, меѓутоа и „бекап“ ако примарната лабораторија поради икс причини не може да ги обработи сите потребни пациенти.

– Познато е дека во овој дел од онкологијата има најдолго чекање. А чекањето е контрапродуктивно во однос на започнувањето на третманот на Клиниката за онкологија и сметаме дека со ова ќе се скрати времето на чекање и ќе се забрза почетокот на терапијата. Во NGS делот очекуваме 2025 година да ја завршиме со околу 1.500 анализи. Значи тоа се околу 1.500 пациенти, за околу 66 милиони денари. Стана збор за релативно скапи истражувања, посебно ако се работат повеќе гени или се работи целиот геном. Во оваа бројка се вклучени и ретките болести и онколошките, бидејќи кога еднаш ќе се сработи генетиката, таа е достапна за анализа и во однос на ретките болести и во однос на онкологијата – нагласи Клековски.

Тој најави и воведување на генетска дијагностика што во моментов не се работи во земјава, а ПМФ е соодветно опремен.

– Тоа е ПГД (PGD) или Предимплантациската генетска дијагностика која се практицира при БПО или ин-витро. Односно со земање на неколку клетки од ембрионот пред всадување, се утврдува дали идниот плод е здрав, односно дали има генетски болести. Со тоа се зголемува успешноста на бременоста. Колку е ембрионот поздрав успешноста на ин-витрото е зголемена. Во моментот тоа не се работи во Македонија, мислам дека се работи во некои соседни земји. Земајќи ја предвид зголемената потреба од ин-витро, секако сакаме да мислиме и на зголемената успешност на ин-витро обидите. Ги зголемивме на шест обиди на сметка на Фондот. Сега сакаме да додадеме услуги кои ќе ја зголемат и успешноста на ин-витрото во смисла на родени здрави деца – додаде Клековски.

Деканот на ПМФ, Даворин Трпески рече дека Факултетот првпат во својата историја, во своето 80-годишно постоење, покрај вршењето научна и образовна дејност, ќе помогне во здравствената дејност во државата.

– За тоа да се случи, морам да кажам дека три точки се многу битни во целава работа. Првата е одличната соработка што ја имавме во изминатиот период со Министерството за здравство, кое ги препозна нашите капацитети и изготви решение за да се вклучиме во здравствениот систем на Македонија, со тоа што лабораторијата за молекуларна биологија и генетика доби акредитација. Втората работа е тимот кој работеше и вработените на ПМФ кои интензивно работеа во изминатиот период за да можат да создадат услови за сето тоа да биде подготвено како што треба – истакна Трпески.

Третата, и најбитна работа, појасни тој, е одличната соработка што ја имаат со Министерството за образование и наука, кое изминатиот период вложило сериозни средства заедно со факултетот.

– Најголем дел или преку 90 отсто од средствата ги обезбеди МОН за да може да се направи ваква лабораторија, со која навистина можеме да се пофалиме и која е една од најрепрезентативните од таков тип во регионот. Особено ми е драго што овие народни пари кои беа вложени на факултетот и во лабораторијата, сега преку Фондот за здравствено осигурување повторно се враќаат кај осигурениците преку услуги кои ќе ги даваме во наредниот период – додаде Трпески.

Раководителот на лабораторијата за молекуларна биологија и геномика, проф. д-р Сашо Панов појасни дека овие анализи се круцијални за примената на прецизната медицина и таргетираната терапија кај ракот.

– Без детални генетски анализи, примената на скапа биолошка терапија може да биде не само финансиски товар, туку и неефикасна за пациентот доколку тој ја нема соодветната мутација. Со оваа опрема и нашиот кадар, овозможуваме прецизна дијагностика и интерпретација – додаде Панов.

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека лабораторијата ќе започне со работа веднаш по завршувањето на техничките подготовки и тендерските постапки за набавка на потребните реагенси и потрошен материјал.

Поврзани содржини