ГЕНЕРАЛКА НА ПАРТИЗАНСКИОТ СПОМЕНИК ВО ШТИП Министерството за култура се пофали дека конечно го исчистило
Министерството за култура, преку надлежните заводи и музеи, започна со реконструкција и санација на сите споменици и спомен-обележја од Народно-ослободителната борба, на личности кои дале придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на нашата држава и на настани коишто се случиле во НОБ и се сведоштво за непокорот и борбата за слобода.
Како проект на Владата, предвиден со Буџетот за оваа година, иако согласно Законот за меморијални споменици и спомен-обележја се надлежни општините, односно Градот Скопје, Владата го задолжи Министерството за култура во соработка со надлежните да се реконструираат сите овие споменици и спомен-обележја кои се силен белег на македонската државност и историја.
Во моментов, Завод и музеј-Штип, со средства од Министерството за култура, го санира искучително значајното дело Меморијален комплекс на паднатите борци на револуцијата, кој е поставен на источната страна на археолошкиот локалитет „Исар“. Станува збор за архитектонско-скулптурално дело од архитектот Богдан Богдановски, еден од најпознатите архитекти на дваесеттиот век, кој оставил силен печат на уметничкото и архитектонското наследство на некогашна Југославија.
Делото на Богдановиќ (20.08.1922, Белград – 18.06.2010, Виена) било избрано на конкурс со цел да се одбележи сеќавањето на загинатите партизански војници и цивили во Штип и Штипско за време на Втората светска војна, како чин на комеморација.
За завршувањето на споменичкиот комплекс во Штип на авторот му биле потребни пет години, а неговата свечена инагурација се извршила на денот на ослободувањето на Штип, 8 ноември 1974 година.
Екипите од штипскиот музеј во изминатиот период ги отстраниле нечистотиите, вегетацијата, бројните графити на сите делови од комплексот со што се сочувале изворните, историските, урбанистичко-архитектонските и естетските вредности на делото и се овозможило негово користење за туристички, културни и други активности.
Во овој меморијален комплекс подигнат во чест на паднатите борци во Народно-ослободителната војна, се одбележуваат неколку датуми со учество на делегации, учесници во војната и граѓани, со положување на свежо цвеќе и комеморација. На комплексот се одбележуваат: 11 Октомври, денот на почетокот на народното востание во Македонија, 8 Ноември, денот на ослободувањето на градот Штип и 23 Октомври, денот на македонската револуционерна борба.