ГДУ предлага задолжителен и дополнителен здравствен пакет за осигурениците

188

Итни инвестиции во здравствениот сектор и мотивација за младите доктори и специјализанти да останат да работат во Македонија предлага Граѓанско демократската унија (ГДУ). Пандемијата на ковид-19 ги изнесе на виделина најголемите недостатоци на македонското здравство – недоволно легла, лоши услови во болниците, недоволен број обучени доктори, мал број соодветно обучени медицински сестри. Во болниците во внатрешноста силно е изразен и недостатокот на обука за работа во услови на пандемија, иако постои желба да помогнат. Медиумите пренесуваат изјави од здравствени работници и сестрите кои се жалат дека се истоштени и нема кој да ги замени.

– Алармот за брзи промени во здравството е вклучен. Доволно школуваме доктори за европските болници. Без млади и обучени доктори и специјализанти што ќе работат во Македонија залудно ќе инвестираме во болници и клинички центри. Партизацијата во здравствениот сектор мора да запре и надлежното Министерство да најде начин да ги мотивира младите да останат во Македонија. Ова се нашите херои, мора системот да најде средства и знаење како да им помогне – вели претседателот на Граѓанско демократската унија Петар Колев.






ГДУ посочува дека се потребни итни промени и во работењето на Фондот за здравствено осигурување за да се подигне квалитетот на здравствена заштита што ја добиваат осигурениците.

– Нашиот предлог пред новиот состав на Собранието ќе биде воспоставување систем во кој Фондот за здравствено осигурување ќе се постави како сервис на осигурениците и пациентите, преку воспоставување надзор врз неговото работење од страна на соодветни органи. Ќе предложиме и воспоставување систем со „Задолжителен пакет“ и „Дополнителен пакет“ за осигурениците. Со првиот пакет секој ќе добие здравствена заштита а вториот пакет се предвидува да биде незадолжителен и за него ќе доплаќаат само оние кои сакаат и дополнителни здравствени услуги. Услугите од двата пакета на пациентот да му бидат достапни и во јавните и во приватните здравствени институции според системот на референтни цени за здравствените услуги – вели Колев.

ГДУ како неодложни инвестиции за следните четири години ги наведува вложувањата во регионалните болници во Велес, Штип, Струмица, Битола и Прилеп за да се намали јазот меѓу примарните и секундарните здравствени услуги.

– Сметаме дека локалните власти мора да почнат да функционираат локално и да преземат одговорност за здравствената политика на своето подрачје, како и да се најде начин во соработка со Министерството за здравство да се насочат младите студенти да се обучуваат за лекари по општа пракса. Регионалните болници треба да ја исполнат својата функција и секој посериозен случај да не се транспортира во Скопје – вели Колев.

Преземањето итни мерки во здравствениот сектор нема да бидат доволни да се избегне евентуалниот крах поради сѐ големиот број хоспитализирани поради ковид-19, но може да му овозможат на македонското здравство полесно да се снаоѓа во идни слични ситуации.

 

Поврзани содржини