ГАЗДИ СО ЗАКАНИ И СО БОНУСИ ГИ ТЕРААТ РАБОТНИЦИТЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ Левица апелира работниците да добијат правна помош
Според Левица дел од фирмите бараат кандидатите за новите работни места да бидат вакцинирани.
Како да не беа доста илјадници изгубени работни места и стотина затворени фирми, Владата наместо помош за стопанството, со новите безбедносни мерки прави нов атак врз правата на работниците и насила ги тера да се вакцинираат, реагира Левица која смета дека владата катастрофално се справува со коронавирусот.
Партијата обвини дека фирми блиски на СДСМ и владата присилно ги тераат работниците да се вакцинираат за да можат да работат. Притоа не бираат средства како да ѝ се додворат на владата.
– Една од тие фирми е кочанска АНТУРА, која преку писмено соопштение им се заканува на работниците дека, доколку не се вакцинирани, ќе бидат прераспределени на друго работно место или привремено отстранети од работа. Иако притисокот е суптилен и индиректен, сепак влева страв кај работниците, кои плашејќи се за своето работнo место, изјавуваат дека се принудени да се вакцинираат против своја волја. Други фирми пак, како кочанската фирма АМФЕНОЛ одат со друга форма на притисок преку нудење на „награда” од 500 денари и „новогодишен бонус” од 3.000 денари за оние работници коишто ќе се вакцинираат, а во исто време на кандидатите за вработување кои не се вакцинирани, ниту не им е дозволено да конкурираат за вработување – велат од партијата.
Левица информира дека новите мерки се однесуваат исклучиво на угостителските објекти и трговските центри, а не за фабриките и останатите правни субјекти.
-Работодавците не смеат да прават никаква сегрегација на работниците по основ дали истите се вакцинирани или не, ниту пак смеат под тој изговор да вршат прерaспределба или отстранување од работното место – велат од Левица.
Оттаму со апел до сите работници одлуката дали ќе се вакцинираат или не, да ја донесат врз основа на свое сопствено убедување.
-Апелираме до сите работници да побараат правна помош и да ги искористат сите правни средства доколку им биде нарушено некое работничко право – велат од Левица.