ГАЗДИ НА ХАЦИЕНДИ ЈА БЛОКИРААТ ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ БИТОЛА – ПРИЛЕП Застојот може да ја чини државата 150 милиони евра
Инспекторите на Министерството за екологија и на Општина Прилеп по увидот на терен не констатиррале неправилности. Истовремено се поставени и апарати за мерење на загадувањето, на вибрациите и на бучавата кои покажуваат дека нема отстапувања од дозволените вредности.
Самоволието на десетина сопственици на луксузни хациенди со градини и базени во селото Ореовец ја отежнува изградбата на Коридорот 10д, Прилеп – Битола, а штетата што ќе треба да ги плати државата бидејќи изведувачот размислува да бара отштета, може да надмине 150 милиони евра, објави ТВ Алфа.
Овие луѓе, според телевизијата, речиси две години, 24 часа дневно, не дозволуваат пристап до државниот каменолом од кој изведувачот на работите „Бехтел и Енка“ треба да земаат градежниот материјал за изграба на автопатот. Тие тврдат дека се загрижени за животната средина иако сите анализи и контроли го покажуваат спротивното.
Инспекторите на Министерството за екологија и на Општина Прилеп по увидот на терен не констатирале неправилности, а апаратите за мерење на загадувањето, на вибрациите и на бучавата кои се поставени таму покажуваат дека нема отстапувања од дозволените вредности.
– Јавното претпријатие го разбира правото на група граѓани за изразување на незадоволство преку организирање на јавен собир, но тоа не значи дека треба да се дозволи 24 часовна блокада на пристапот за работа и оневозможување на работата, а посебно доколку се работи за Проект од јавен интерес– изјавија од Јавното претпријатие за државни патишта.
Симптоматично е што оние кои ја попречуваат градбата на автопатот преку блокирање на пристапот до државниот каменолом, не реагираат на ист начин за работата на неколку приватни каменоломи кои во овој крај работат со години.
Проценките се дека штетите од овие блокади можат да надминат дури 150 милиони евра, поради пенали кои би морала да ги плаќа државата, но и поради трошоци за купување на материјали од приватни ископувачи наместо од државно земјиште. Изведувачот Бехтел и Енка веќе размислува да бара отштета која би била сериозен удар за државниот буџет и според одредени процени би надминала и десетици милиони евра.
Конкретниот каменолом односно Позајмиште 6 е во сопственост на државата и е оддалечен повеќе од 700 метри од селото, локацијата е одредена со самиот договор за изведба на Коридор 8 и Коридор 10д а претходно и била планирана за доделување концесија за комерцијално користење.
Факт е дека доколку ова позајмиште не се користи практично нема изградба на автопатот Прилеп – Битола.