ГАСНИОТ ИНТЕРКОНЕКТОР СО ГРЦИЈА Е ПРИ КРАЈ Мицкоски очекува да биде готов во првата половина на следната година
Премиерот најави и дека ќе се работи на 3 проекти од гасоводната мрежа во земјава Велес - Штип, Гостивар - Кичево и Тетово - Косово.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека очекува гасоводниот интерконектор со Грција да биде завршен во првата половина од следната година.
-Да бидам чекор пооптимист, во првиот квартал од следната година очекувам да се синхронизира целосно нашиот национален со грчкиот национален гасовод. Веќе е објавен од страна на Номагас интерконекторот со Србија, така што сето тоа коешто ние го зборуваме, тоа се реализира и тоа го правиме со сопствени средства. Немаме кредит, немаме заем, немаме донација, немаме грант, немаме ништо, туку со домаќинско работење го правиме со сопствени средства – рече Мицкоски.
Тој додаде дека се во тек 3 нови проекти коишто се рестартираат – гасоводот којшто треба да ги поврзе Велес и Штип, гасоводот којшто треба да ги поврзе Гостивар со Кичево и една отсечка која ќе биде извлечена пред Тетово и којашто ќе влезе во Косово.
-Понатаму оставаме на косовската Влада да одлучи дали ќе продолжи да ја развива на територијата на својата земја или нема да продолжи, тоа е нивна одлука, но наше е она коешто сме го разговарале да го направиме и тоа ќе го направиме – додаде премиерот.