ГАШИ НЕ ПРИМА „НАРЕДБИ“ И РОКОВИ ОД УСТАВНИОТ СУД ЗА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК Собранието постапува според Деловникот, а не според акти на други институции

Собранието не може да постапи по правилници и акти на други институции. Не се сеќавам дека сме добиле допис од Уставниот суд во врска со доработка на Кривичниот законик и на Законот на електронски комуникации, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши.

412

Како Собрание ние не сме добиле никакво известување од Уставниот суд, а најмалку рокови за постапување и слично, но, и да сме добиле, Собранието не работи врз основа на правилници на други институции – ние имаме Устав, Закон за Собранието и Деловник и работиме според тие три најбитни документи за нас, рече претседателот на Собранието Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

Гаши одговараше на новинарско прашање како ќе постапи Собранието, кое пред 2 недели доби рок од 6 месеци од Уставниот суд да ги анулира штетните последици од измените на Кривичниот законик од септември 2023 година. Доколку Собранието не постапи по насоките на Судот, Уставен најави дека по 6 месеци ќе ги укине или ќе ги поништи измените на КЗ.






– Знаеме која е функцијата на Уставниот суд, не сакам јас да им укажувам на тоа. И не знам како дојде до тоа да ни даваат рок. Знаеме дека тие треба да судат околу уставноста на некој донесен закон и нивно целосно право е да донесат одлука за некој закон. Кога ќе донесат одлука, тогаш институциите постапуваат по таа одлука. Додека нема одлука, ние не можеме да постапуваме. Таа тема е сензитивна и сите ние сакаме да дојдеме до Кривичен законик кој ги задоволува сите страни – рече Гаши.

Претседателот на Собранието го има истиот став и во врска со уште еден закон кој Уставниот суд им го врати на доработка пред да донесе одлука, а тоа е Законот за електронски комуникации. Судот го испрати овој закон назад во Собранието во септември 2024 година, со шестмесечен рок, што значи дека пратениците имаат уште еден месец да постапат по насоките на уставните судии.

– Собранието не може да постапи по правилници и акти на други институции. Не се сеќавам дека сме добиле допис од Уставниот суд во врска со доработка на Законот на електронски комуникации – рече Гаши.

На новинарско прашање дали ова може да се толкува дека Собранието не прифаќа наредби од други институции и дека нема да ги подобрат решенијата во Кривилниот законик и во Законот за електронски комуникации, Гаши рече дека е позната процедурата како се носат и се изменуваат законите.

– Ние постапуваме според нашиот Деловник, а не според акти на другите институции. Во Собранието се знае точно процедурата како започнува законодавната постапка. Еден пратеник или група пратеници треба да дадат предлог, кој се доставува до сите пратеници итн. Кога ќе добиеме допис од некоја институција, ние веднаш ја препраќаме до сите пратеници. Документите од другите институции не седат во мојот кабинет. Ако имавме допис од Уставен суд јас веднаш ќе го доставев до сите пратеници, за да одлучиме што ќе правиме во врска со тоа. Тој дел не е само моја обврска. Ако пратениците постапат, јас сум должен да го почитувам процесот – рече претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Уставниот суд пред две недели одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик. Како што изјави претседателот Дарко Костадиновски, Судот изразил сериозен сомнеж за уставноста на оспорениот закон во целина и донел одлука да му наложи на Собранието во рок од 6 месеци да ги направи неопходните измени и да се усогласи со аргументите на Судот. Доколку Собранието не го стори тоа, ќе следува укинувачка или поништувачка одлука од Уставниот суд.

Лани во септември Уставниот суд донесе одлука да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за електронски комуникации, кој пропишува обврска за телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без судска одлука. Ќе се оценува и одредбата дека операторите се должни задржаните податоци по барање да им ги достават на надлежните органи, исто така без судска наредба. Согласно одлуката на Уставниот суд, Собранието има рок од 6 месеци да ги смени одредбите од овој закон, а во спротивно тие ќе бидат укинати или поништени.

Уставниот суд лани усвои Акт за работа во кој се уредени начините на кои работи и постапува Судот. Новиата што ја донесе овој Акт е можноста Судот да испрати некој закон назад во Собранието на доработка, или корекција, пред Судот да донесе одлука за укинување или за поништување на оспорениот закон. Досега Уставниот суд испрати 2 закона до Собранието со шестмесечен рок за корекција, Законот за електронски комуникации и Кривичниот закон.

Поврзани содржини