ГАШИ НАЈАВИ РАСПИШУВАЊЕ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ВО АВГУСТ Собранискиот спикер не го откри точниот датум

Прашан дали датумот ќе биде 8 август, Гаши потенцираше дека тоа е возможно и дека распишувањето ќе биде во согласност со законските рокови.

481

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите најави дека локалните избори најверојатно ќе бидат распишани во првата половина од август.

Прашан дали датумот ќе биде 8 август, Гаши потенцираше дека тоа е возможно и дека распишувањето ќе биде во согласност со законските рокови.






– Може да се распишат на 8 август. Сѐ ќе биде во рамките на роковите. Изборниот законик предвидува две важни одредби – прво, изборите да се одржат не порано од 70, а не подоцна од 90 дена по распишувањето. Втората важна точка е Законот за локална самоуправа кој предвидува изборите да се одржат во втората половина од октомври. Во рамките на овие периоди ќе ги распишеме изборите, најверојатно во првата половина од август – рече Гаши.

Во однос на предложените измени на Изборниот законик, кои се уште се во собраниска процедура, претседателот на Собранието истакна дека чека сигнал од пратеничките групи дека имаат договор за да може законот да продолжи кон усвојување.

– Немаме засега конкретна најава за усвојување на Изборниот законик. Текат разговори меѓу пратеничките групи, но јас не сум информиран за конечен договор. Чекам знак од нив дека се договориле и дека законот може да продолжи кон процедура – појасни Гаши.

Во врска со функционирањето на Бадентеровото мнозинство, спикерот нагласи дека нема промени и дека за секој закон посебно пратениците од немнозинските заедници се изјаснуваат според својот став.

– Нема никаква промена околу Бадентерот. Останува истата формула. Видовме неколку пати пратеници од немнозинските заедници, иако се во опозиција, да гласаат за предлози на мнозинството. Тоа останува релативно – заклучи Гаши.

Поврзани содржини