ГАШИ ГИ РАСПИША ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ Гласањето е закажано на 19 октомври

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, согласно член 16 став 1 од Изборниот законик. Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг. 

175

Претседателот на Собранието Африм Гаши, денеска, 9 август 2025 година, ги распиша локалните избори, што ќе се одржат на 19 октомври.

Гаши го потпиша Решението за распишување на осмите локални согласно член 12 став 4 од Изборниот законик, почитувајќи го рокот од 70 до 90 дена од распишување до одржување на изборите.






Со распишувањето на изборите, почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија, согласно Изборниот законик и според календарот што треба да го донесе Државната изборна комисија.

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, согласно член 16 став 1 од Изборниот законик. Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.

– Согласно Уставот, Изборниот законик, важечкото законодавство, како и врз основа на моите надлежности како претседател на Собранието, имам чест и институционална одговорност да ве информирам дека денес, официјално, го потпишав Решението за распишување на претстојните локални избори, кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година. Ова решение го доставив до надлежните органи за организирање и спроведување на изборите и очекувам максимален ангажман за реализација на чесен и демократски процес. Ве информирам дека во текот на изборната кампања, која започнува 20 дена пред одржувањето на изборите, Собранието ќе продолжи со редовното административно функционирање, но нема да одржува пленарни седници. Оваа одлука има цел да се избегне злоупотребата на собраниската говорница за изборни цели и да им овозможи на пратениците целосно да се посветат на комуникацијата со граѓаните. Сакам да нагласам дека изборите не се прост технички процес, туку се суштината на нашата демократија. Тие претставуваат реална можност граѓаните да изберат водачи кои одразуваат одговорност, визија и посветеност кон јавниот интерес. Така, 19 октомври 2025 година претставува важен момент за зајакнување на демократијата, подобрување на благосостојбата на граѓаните и за градење на подобра иднина за сите – изјави Гаши.

Како претседател на Собранието, додаде тој, свесен сум за значењето на обединувачката улога што ми е доверена, како и за одговорноста што ја имам за да го гарантирам интегритетот и непристрасноста на нашите институции.

– Затоа, упатувам јасен и искрен повик до сите политички сили, кандидати и соодветни структури да покажат висок степен на политичка култура. Да избегнуваат каква било форма на притисок, разделбен говор и секој обид за инструментализација на институциите и на јавните ресурси за партиски интереси. Ова е процес што треба да се фокусира на граѓанинот, на неговите реални потреби и предизвици, и на конкретните решенија што секој кандидат треба да ги понуди. Очекувам овој процес да биде доказ за нашата демократска зрелост, каде се почитуваат, правилата, преовладува достоинството и се одразува слободната волја на граѓаните, а не резултат на притисоци или на манипулации. На овие избори неопходно е да ги покажеме европските вредности и стандарди за да ја одразиме нашата непоколеблива посветеност кон интеграцијата. Посакувајќи им успех на сите кандидати и на сите политички партии кои ќе учествуваат на овие избори, посакувам овие локални избори да бидат натпревар каде што идеите и визиите за подобра иднина ќе бидат центар на дискусиите – рече Гаши.

Поврзани содржини