ГАРАЖА ВО АЕРОДРОМ ПРОДАДЕНА ЗА 30.000 ЕВРА Центар го „дрма“ пазарот на недвижности, куќа купена за 1,15 милиони евра
Најскапиот деловен простор достигна 6,8 милиони евра и е во Центар, а таму е и најскапиот стан 2.857 евра по квадрат, што за 105 квадратни метри изнесува 300.000 евра.
Гаража во скопската општина Аеродром беше продадена за 30.000 евра, додека цените на становите во Охрид во првата половина од 2025 година пораснале за неверојатни 27 проценти. Овие податоци се дел од Извештајот на Регистарот за цени и закупнини, што го објави Агенцијата за катастар на недвижности, и укажуваат на динамичен пазар на недвижности во Македонија.
Во општина Центар е постигната највисока цена за продажба на стан во првото полугодие од годинава – 2.857 евра по квадрат, што за 105 квадратни метри изнесува 300.000 евра. Во истата скопска општина е и најскапо продадената куќа, за 1.150.000 евра, со 373 квадратни метри станбена површина и 1.357 квадратни метри земјиште.
Најскапо продадениот деловен простор е во Центар, со површина од 3.131 квадратен метар, по цена од 6,8 милиони евра, додека индустрискиот објект во Илинден е продаден за 190.130.726 денари. Гаражата во Аеродром од 24 квадратни метри достигна цена од 1.854.000 денари, односно 77.250 денари за квадратен метар.
Највисок скок на цените на становите е забележан во Охрид (27%), следи Центар и Тетово (по 22%), Битола (20%), додека најмал раст е во Струмица (2%).
Во првото полугодие најмногу станови се продадени во Аеродром (189), Чаир (182), Центар (181) и Карпош (179), а највисока вкупна вредност на продадените станови е забележана во Центар (1.261.042 илјади денари), следен Аеродром (1.193.353 илјади денари) и Карпош (1.064.588 илјади денари). Просечната цена по квадратен метар е највисока во Центар – 101.900 денари, следат Карпош (90.900 денари) и Аеродром (82.000 денари).
Движењето на бројот на продадени станови укажува на значителен раст во Тетово (60%), Велес (54%) и Охрид (50%), додека најголем пад е во Куманово (16%).
Во првата половина на 2025 година се регистрирани 15.779 трансакции – за 8,9% повеќе од истиот период минатата година, што се припишува на подобрени услови за финансирање и зголемена доверба во пазарот. Вкупниот обем на купопродажби изнесува 515,9 милиони евра, со најизразен раст во мај и најмал во јуни.
Најголемиот број купопродажби се однесува на земјоделско земјиште и шуми (32,8%) и станови (32,5%). Најмногу купопродажби се реализирани во Аеродром (562), Гази Баба (555) и Карпош (527), додека најмалку во Бутел (176). Највисока вкупна вредност на остварената цена е во Центар (65,8 милиони евра), а најниска во Штип (10,0 милиони евра).
Анализата покажува дека Центар бележи раст на обемот на купопродажби од 32%, додека Аеродром има пад од 29%. Во однос на вкупната вредност, Кисела Вода расте за 59%, а Куманово бележи пад од 26%.