Г7 ПОВИКА ИТНО ДА ЗАПРАТ НАПАДИТЕ ВРЗ ЦИВИЛИ НА БЛИСКИОТ ИСТОК Според Рубио, војната ќе заврши за неколку недели, а не месеци

Ја повторивме апсолутната неопходност трајно да се врати безбедноста и слободата на пловидба во Ормускиот Теснец, се вели во заедничката изјава по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Г7, што се одржа во Франција.

1

Министрите за надворешни работи на најразвиените земји, Г7, денеска побараа итен прекин на нападите врз цивили во војната на Блискиот Исток и го повикаа Иран веднаш да ја врати слободата на пловидба во Ормускиот Теснец.

Во заедничка изјава објавена во име на сите членки на Г7, вклучително и на Соединетите Американски Држави, се повикува на „итно запирање на нападите против цивилите и цивилната инфраструктура“.






„Не може да има никакво оправдување за намерното таргетирање цивили во ситуации на вооружен конфликт, како и за нападите врз дипломатските претставништва“, се вели во соопштението објавени по состанокот во Франција.

Главна тема на состанокот беше затворањето на Ормускиот Теснец од страна на Иран.

„Ја повторивме апсолутната неопходност трајно да се врати безбедноста и слободата на пловидба во теснецот“, се наведува во изјавата.

За време на состанокот, министрите се фокусираа на напорите „за ублажување на глобалните економски шокови, како што се нарушувањата во економските, енергетските, трговските синџири и снабдувањето со вештачки ѓубрива, кои имаат директно влијание врз нашите граѓани“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио по состанокот изјави дека САД очекуваат воената операција во Иран да заврши во рок од неколку недели, а не месеци.

Рубио рече дека САД се на дофат да ги остварат планираните цели во Иран.

Тој истакна дека Иран би можел да одлучи да воспостави систем на наплата на таа пловна рута, но секое постојано наплаќање на преминот за бродови низ Ормускиот Теснец е неприфатливо.

– Не постои ништо што Русија го прави за Иран што би ја попречило или би влијаело на американската воена операција во Иран – рече Рубио, одговарајќи на прашањето за врските меѓу Москва и Техеран.

На прашањето за можноста за американска копнена инвазија на Иран, Рубио рече дека САД можат да ги постигнат сите свои цели и без копнени трупи, но дека на американскиот претседател Доналд Трамп секогаш ќе му бидат понудени опции да се приспособи на непредвидени околности, доколку тие се појават.

Коментирајќи дали членките на Г7 на состанокот се обврзале дека ќе ги користат своите војски за заштита на Ормуз по војната со Иран, Рубио одговори дека мисли оти сите членки соопштиле дека ја разбираат потребата за тоа.

– САД секогаш ја сметаа меѓународната коалиција за протокот како постконфликтна нужност – наведе Рубио.

Според него, САД се подготвени да бидат дел од коалицијата за протокот, како и дека ги охрабриле другите земји да учествуваат во неа.

Во Г‘7, групата на најразвиените индустриски земји на светот се: Соединетите Американски Држави, Канада, Јапонија, Германија, Франција, Обединетото Кралство и Италија.

Поврзани содржини