Г-20 МОРА ДА БИДЕ КАТАЛИЗАТОР ЗА ЕКОНОМСКО ЗАКРЕПНУВАЊЕ Почна Самитот на лидерите на најбогатите земји
Земјите од Г-20 сочинуваат 85 отсто од светското економско производство и 75 отсто од светската трговија.
Самитот на лидерите на Групата 20 (Г-20) беше отворен денеска на островот Бали со барање на Индонезија, која е домаќин на самитот, за единство и конкретна акција, со што би се постигнало подобрување на глобалната економска состојба, и покрај длабоките поделби што постојат меѓу земјите околу војната во Украина.
– Немаме други опции, потребна е соработка за да се спаси светот. Г-20 мора да биде катализатор за инклузивно економско закрепнување. Не треба да го делиме светот на блокови. Не смееме да дозволиме светот да западне во нова студена војна – рече индонезискиот претседател Џоко Видодо во воведното обраќање, пред лидерите на најбогатите земји во светот да ги започнат разговорите зад затворени врати.
Земјите од Г-20 сочинуваат 85 отсто од светското економско производство и 75 отсто од светската трговија.
Во нив живеат две третини од светската популација.
Членки на Г-20 се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и претставници на Европската унија, односно администрацијата во Брисел. Шпанија е секогаш поканета како гостин.
Пред самитот, американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг одржаа тричасовен состанок и порачаа дека никогаш не треба да се води нуклеарна војна.
Тоа беше нивна прва средба откако Бајден стана претседател. Двајцата лидери ветија почеста комуникација и покрај многуте разлики.