ФУРКАН САЛИУ СЕПАК НАПАДНАЛ ПОЛИЦАЕЦ? Министерот Тошковски тврди дека тоа го видел со свои очи на снимките од инцидентот

Тошковски на прес-конференција се соочи и со новинарот Салиу и му објасни дека при преглед на неговото возило е пронајден пиштол, којшто не смеело да се носи во возило на спортски настан. Најавено е дека внатрешна контрола ќе го истражи случајот. согласно надлежностите и во целост ќе бидат испитани сите дејствија.

2,007

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска соопшти дека новинарот Фуркан Салиу во текот на вчерашниот ден физички нападнал полициски службеник. Тој вели дека лично видел на снимката доставена до него – спречување на полицаец во извршување на службена дејност.

Тошковски појасни како дошло до инцидентот на фудбалскиот натпревар меѓу ГФК Куманово и БВК Коњаре од Третата фудбалска лига Север.






– Фудбалскиот натпревар е прекинат заради тоа што е настанат инцидент меѓу две навивачки групи, за кој дополнително ќе се утврдат деталите, бидејќи се работи за навивачки групи за кои е чудно зошто биле таму присутни. Поради инцидентот фудбалскиот натпревар е прекинат и е интервенирано од полициските службеници, со цел да бидат раздвоени навивачките групи кои почнуваат физички да се пресметуваат меѓусебе. Полицијата интервенира за да ги раздвои овие навивачки групи – истакна Тошковски.

Министерот за внатрешни работи ги појасни и деталите за апсењето на новинарот Фуркан Салиу, кој, како што потврди, учествувал во физичка пресметка со другите навивачи, но нападнал и овластен полициски службеник при вршење на службена дејност.

– Во рамки на во физичката пресметка, констатирано е дека едно лице кое потоа е приведено, во повеќе наврати физички напаѓа припадници на другата навивачка група и притоа напаѓа и еден овластен полициски службеник, којшто го соборува потоа приведеното лице, а при соборувањето околу полицискиот службеник се присутни и други овластени полициски службеници, припадници на интервентн полиција и на Единицата за брзо распоредување  при што, во моментот на приведување на ова лице – кое, повторувам, при приведувањето физички напаѓа и удира како по припадници на друга навивачка група, така и се бори со дел од полициските службеници. При приведувањето на ова лице, друго лице кое што исто така е приведено, е во физички контакт со овластени службени лица на МВР, при што на снимката се гледа како приоѓа од позади на овластениот полициски сужбеник и потоа друг полициски службеник се упатува кон него и го приведува на начин којшто го приведува, што се гледа и на снимките од вчерашниот ден – соопшти Тошковски

Откако се приведени овие две лица, приведено е и трето лице и сите се спроведени во полициската станица во Гази Баба.

Според Тошковски, никој нема право да дејствува спротивно на законските одредби без разлика кој е и каква функција извршува.

– По мое убедување, во најмала мера имаше спречување на вршење на службено лице во неговата работа. Според добиените белешки, од страна на двете лица кои се приведени, има физички напад по долни екстремитети. Ова е изјава од полициските службеници, не е од моја страна – изјави министерот за внатрешни работи.

Најавено е дека внатрешна контрола ќе го истражи случајот согласно надлежностите и во целост ќе бидат испитани сите дејствија.

Салиу денеска беше присутен на прес-конференцијата на министерот и го праша Тошковски дали добил информација како бил пронајден неговиот пиштол и по која основа е претресено неговото возило, без негово присуство.

– Сè што е преземено е извршено според законските одредби. Извршен е преглед на вашето возило. Извесетен сум дека при извршен преглед на вашето возило е најдено огнено оружје. Точно се знае согласно закон како се поседува и како се транспарторира од едно до друго место и како се носи такво оружје. Станува збор за прекршок во однос на начин на поседување на истото. Многу битно да се постапува по закон, многу е битно и пиштолот да го чувате дома, а не во своето возило на спортски настан – му одговори министерот Тошковски на Салиу, најавувајќи дополнителна истрага за настанот.

– Во оваа држава законот мора да важи подеднакво за сите без оглед дали е министер или новинар, затоа сме на ова дереџе и сите се сомневаат во институциите. Институциите ќе работат согласно законот и од оваа позиција сè што можам да преземам, ќе преземам. Ќе атктивирам и внатрешна контрола и сите можни механизми за да се провери постапувањето на полицијата, но ќе побарам да бидат преземени од страна на полицијата сите дејствија – рече Тошковски и додаде дека лично ќе се извини ако се утврди дека Салиу не направил прекршок, но, како што рече тој, тоа не го видел на снимките од камерите.

 

Поврзани содржини