ФУКУЈАМА ЗА РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА Бугарските тврдења за Македонија се исти со руските за Украина
Професорот Фукујама оценува дека исходот од војната во Украина ќе одреди како ќе изгледа светот и дека по руската инвазија повеќе ќе се цени живеењето во либерален поредок.
Поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет различно од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења за Украина, вели Френсис Фукујама, професор, филозоф и автор на „Крајот на историјата и последниот човек“ во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој вели дека многу европски земји имаат крајно десничарски екстремни движења и од тоа мораат да се пазат. Фукујама додава дека исходот од војната во Украина ќе одреди како ќе изгледа светот и дека по руската инвазија повеќе ќе се цени живеењето во либерален поредок.
Во контекст на Македонија, која веќе две години чека датум за почнување на преговорите со Европската унија поради блокадата од Бугарија. Спорот меѓу двете земји почна со прашања поврзани со историјата, а дел од општеството препозна сличност со тврдењата на Путин за Украина. Какво е вашето мислење, има ли сличности професоре?
– Мислам дека има многу сличности бидејќи во случајот со Северна Македонија, една земја, поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења во однос на Украина. Јас мислам дека основниот принцип на двете демократии и меѓународните односи е дека сите луѓе треба да бидат слободни да си го одредат својот сопствен наратив и тоа да не биде диктирано од други земји, од други поголеми земји кои сакаат да им кажат различни приказни. И мислам дека од таа перспектива е доста слично.
Што препорачувате за малите демократии и кршливи како македонската и многу други низ светот, што треба да направат за да станат поотпорни пред налетот на авторитарните тенденции?
– Мислам дека агендата за која било земја внатрешно и надворешно, бидејќи двете се поврзани е дека има многу предизвици во владеењето во Северна Македонија, проблеми со корупцијата, има проблеми со националниот идентитет и тоа се работи на кои треба да се одговори. Ако политичкиот систем соодветно работи. Но исто така особено за малите земји прашање е и надворешното поврзување и од таа перспектива добивањето помош од други демократии е важно. Го разбирам и го ценам фактот дека Северна Македонија е многу разочарана од одговорот на Европската унија на нејзините напори да се приклучи и мислам дека тоа е многу лошо. Како човек од надвор не може да сторам нешто многу околу тоа, но мислам дека треба се има поголема свесност за последиците за членството во ЕУ за место како ова.