ФУДБАЛЕРИТЕ ВО ИСЧЕКУВАЊЕ НА НАРЕДНИОТ ПРОТИВНИК Ждрепката за СП 2022 ќе се одржи на 26 ноември
Баражот ќе се игра согласно новиот модел на ФИФА, слично како и во плеј-офот од Лигата на нации за пласман на ЕВРО 2020.
Фудбалската репрезентација на Македонија на 26 ноември ќе ги дознае противниците за двата бараж-натпревари за пласман на СП 2022, кои не очекуваат во март следната година.
Баражот ќе се игра согласно новиот модел на ФИФА, слично како и во плеј-офот од Лигата на нации за пласман на ЕВРО 2020, во кој вкупно 12 селекции (10 второпласирани од квалификациските групи и плус уште две репрезентации од Лигата на нации) ќе бидат поделени во три групи по четири репрезентации.
Притоа со ждрепката од Цирих ќе биде одредена во која група ќе е Македонија заедно со уште три селекции. Репрезентациите пред ждрепката ќе бидат поделени во две групи по шест – носители и неносители. Тоа ќе се одлучува врз основа на ефектот од квалификациите, но Македонија ќе биде меѓу неносителите, што значи полуфиналето од баражот ќе го игра на теренот на противникот кој ќе биде од листата носители. Ако триумфира во полуфиналето македонската репрезентација може финалниот натпревар за пласман на СП 2022 да го игра на домашен терен, што ќе биде одредено исто така на ждрепката на 26. ноември.
Првите натпревари од баражот за пласман на Мундијалот ќе се играат на 24/25. март а финалните на 28/29. март следната година. Можни противници на Макеоднија се Шкотска, Португалија, Шведска, Русија, Полска, Италија или Швајцарија, Финска или Украина, Велс или Чешка, Норвешка или Турција.