Фронт за Недојдија

Сѐ што мислевме за оваа Европска унија години наназад, а особено денес, се покажува точно: станува збор за збирштина од профитерски политиканти кадешто оние поумните – оние од Франција и Германија – го диктираат темпото на танцот со другите, со опортунистите и страшливците.

730

Сѐ што мислевме за некапацитетноста и неспособноста на оваа власт, се потврдува секој ден, одново и одново. Сега се фалат дека всушност ТИЕ барале внесување на Бугарите во Уставот односно дека таквите уставни измени биле македонска инцијатива, дека тоа било „наш начин за да излеземе од историско-идентитетската група спорни прашања со Бугарија“. И тоа го сметаат за – успех, заборавајќи дека успехот се мери со резултати, а не со – нули. И по којзнаер кој пат ја потврдуваат сопствената политичка неукост и историска неписменост!

Но, од друга страна, и сѐ што мислевме за оваа Европска унија години наназад, а особено денес, се покажува точно: станува збор за збирштина од профитерски политиканти кадешто оние поумните – оние од Франција и Германија – го диктираат темпото на танцот со другите, со опортунистите и страшливците. По Хавел како последниот мохиканец на слободоумни државници-мислители, оваа Европа се претвори во детска градинка за потсмев.






А тука доаѓаме и до дилемата дали Унијата всушност беше/е само „елитистички“ западно ориентиран идеолошки конструкт? Како идеја, но и во првичната пракса – апсолутно да, и не верувам дека искрено ги имала предвид државите зад некогашната „железна завеса“. Само притисокот на растечките супремациски конфликти со Русија и Кина, но и инстистирањето на САД, им го прошири „фокусот“ и на некогаш „непожелните“. И тоа, на еден или на друг начин, се потврдува (речиси) до денешен ден.

Но, она што е најголемо изненадување во однос на оваа и ваква ЕУ, е флагрантното напуштање на антифашистичката идеја и нејзиниот најважен историски репер – времето на антифашистичката борба 1941-1945 година – и препуштањето на брановите на некаков грд „неолиберализам“ тотално незаинтересиран за ништо друго освен за профит. Зашто, ако нам оваа ЕУ ни испраќа сигнали за воздржување од „дерегистрација/распуштање на некои постоечки бугарски културни здруженија“, тогаш нормален човек не може да види што понатаму ние би требале да имаме со неа!?

Зашто, зарем само така би поминувале преку сите навреди и понижувања, преку договорените диктати на Софија и Брисел, преку „добрите практики“ на Бугарија, а сега и во поглед на онаа фамозна „дерегулација“ и повампирување на фашизмот?

Ако во таа детска градинка викана ЕУ започнува отворен процес на помирување (и) со фашизмот, и тоа во сегашното (наводно) „левичарско“ европско милје, што ли ќе се случи утре? Утре, кога во поголемиот дел на земјите членки, според прогнозите, ќе дојдат отворено десничарски влади? Тогаш ЕУ во земјава ќе го постави оној бугаро-македонски експремиерски криминалец за нејзин амбасадор во Скопје?

Но, се разбира, не мислам дека ние би требале да бидеме поголеми папи од Папата. Не мислам ни дека ние треба да глумиме особено слободоумни (бидејќио не сме, за жал), но не и да бидеме видени како зависници од источните ветришта. Напротив, треба да го искористиме мигот во сопствена полза. Ако умееме.

А мигот е, велат, новата архитектура на пристапниот процес, предлозите на онаа фамозна „работна група за институционални реформи на ЕУ“ и др., што кажува дека некои нешта (сепак) суштински (ќе) се менуваат. Во наша полза, се разбира!

Ако, имено, се покажува како императив пред следното проширување дека ЕУ генерално (но и во што е можно повеќе области) треба да премине на одлучување со квалификувано мнозинство, ја гледа ли некој овде во тоа и нашата шанса? Белки овие слепци можат да го видат тој посакуван пресврт? Изгледа – не, зашто, извинете, овие аналфабети не само што се историски заглупавени, туку се и илитерати, недемократи, токмаци и слепци кои не ги интересира ништо освен сопствениот џеб! Дали навистина ни овие нови моменти во евроинтегративниот процес не можат да придвижат ама баш ништо во нивните празни провинциски црпки?

Стравот дека оваа шанса не се согледува доволно е основан бидејќи овде – и не само во Македонија, се разбира – секогаш има поединци кои, заради различни интереси, ја протежираат актуелната „опција“ на (наводно) „брзо“ евроинтегрирање. Што пак подразбира: после цели 10 години! За нив тоа е – брзина. Други ни продаваат „санти лед“ и некакви „бедеми во нашите умови“, трети „мудруваат“ за преговарачкиот процес како тригер за реформи и слични будалаштини.

Па, по ѓаволите, овие и дојдоа на власт со ветување за темелни реформи и брзо евроинтегрирање! Што „реформираа“ освен своите плати и Казнениот законик да бидат судени со поблаги казни? И сега повторно ќе им дозволиме да „реформираат“? Немало во европското законодавство „злоупотреба на службената должност“? Ама има друго, па нека се вика и „космодиск“ (или како веќе беше омилената финта на оној…). И функционира! Инаку, врз основа на што Санадер одлежа толку години, за што го судат Саркози, заради што беа затворани неколкумина романски премиери и министри…? За берење капини?!

Оттука, повторно, стравот дека нашиот „Фронт за Европа“ е решен слепо – и глупаво, by the way – да ја турка само својата „европска“ приказна е основан. Уште поверојатен е стравот дека наместо во некоја Европа ќе стасаме во грдата варијанта на Недојдија, со кримосот од Будимпешта на бел коњ. Nowhere Man in Nowhere Land, правејќи планови за ништо и никого, гледајќи го само она што сакаме да го видиме и слушајќи го само она што сакаме да го чуеме. Што во основа е едно големо – Ништо!

Дали на тој начин сакаме да ја заокружиме целовитоста на ова македонско ништожно секојдневие, комплетното – и комплексно! – отсуство на содржина и перспектива во животот, во работата? Македонската реалност веќе со децении, а особено последниве шест години, е грда константа на мртвило, свет на еднонасочност, убиствена сировост и простотија што неминовно генерира (и) психотични состојби. Жртвите ги гледаме, но како да не го гледаме нивниот експоненцијален раст. А тоа веќе не е шега. „СК 2014“ од Скопје направило – град? Тоа е, извинете, болест.

Чувството на празнотија на почетокот на деведесетите години на минатиот век беше можеби и разбирливо како резултат на губењето на една горе-долу консолидирана и перспективна држава, а можеше да се надомести со ентузијазмот за новото, за самостојноста, независноста. Но се покажа дека кај нас и тоа се потрошливи нешта, дека дури и такви полетни двигатели се распаѓаат во мочуриштето на неспособноста, криминалот и коруптивноста на политиката.

Сега, по сите овие години, македонската празнотија како да е целосна, како да го добива својот вистински „облик“ на едно големо Ништо во коешто жртвата е граѓанинот. За жал, и децата. И тие тоа го гледаат, и го чувствуваат. Како никој друг ја чувствуваат глупоста на нивните учители и наставници (чест на исклучоците!), на власта, на системот… Шумот на празнотијата и ништожноста во реакциите на јавноста е недоволен да покрене други механизми. Дури ни перпсективата на Недојдија веќе не нѐ плаши! Само ѝ додава на гласноста на залудниот одек, на ехото, за да го чувствуваме уште посилно.

Но, алелуја: „нашите“ се повторно во ОН, повторно мудруваат за „големата слика“ но ниту збор не кажуваат за оваа малата/локалната, за корупцијата и криминалот во земјата, за масовните и поединечните убиства на граѓаните од загаденоста и копилињата на д-р Менгеле на Онкологија, не зборуваат за нашиот пат кон Недојдија и жртвите што тој попатно ги зема… Но, како компензација„Фронтот за Недојдиа“ ќе предложи заеднички кандидат за претседател. И, да отвориме линк за предлози: кој ли ќе биде среќникот!?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини