„Фридoм Хаус“: С Македонија и натаму „делумно слободна“ земја
Во извештајот се наведува дека новинарите работат во услови на политички притисок, дека медиумскиот простор во земјата е поларизиран, како и дека дел од приватните медиуми се поврзани со центри на политички и бизнис интереси.
Северна Македонија во најновиот извештај на „Фридом Хаус“ насловен „Слободата во светот 2021“, има годишен индекс на слободата од 66 од можни сто поени, што е за три поени повеќе од лани и е рангирана меѓу петте држави со најголем раст на идексот во светот и со највисок скок во Европа.
Со оценката 66, Северна Македонија е рангирана во групата на „делумно слободни“ држави, во која, меѓу останатите, се наоѓаат и сите земји од Западниот Балкан, како и Унгарија, Украина, Молдавија, Грузија, Ерменија, Индија и Мексико.
Во однос на политичките слободи земјава има индекс 27 од можни 40 поени, а во однос на граѓанските слободи 39 од можни 60 поени.
Фридам Хаус нотира напредок во поддршката на граѓанското општество и констатира дека работата на невладините организации е слободнa и безбеднa за разлика од периодот до 2017 година.
Во извештајот е посочено и дека расте бројот на критички и независни медиуми, особено на онлајн платформите, но се наведува и дека новинарите работат во услови на политички притисок, дека медиумскиот простор во земјата е поларизиран, како и дека дел од приватните медиуми се поврзани со центри на политички и бизнис интереси.
„Како еден од клучните настани во земјата во 2020 година во извештајот се посочени парламентарните избори во јули, кои, како што се наведува, донесоа тесна победа на владејачкиот СДСМ) пред опозициската ВМРО – ДПМНЕ. – Изборите беа конкурентни, веродостојни и се одвиваа без поголем инцидент, а СДСМ наскоро формираше владина коалиција со помали партии,“ се наведува во документот.
Меѓу клучните настани се издвоен и усвојувањето на новиот закон за јавно обвинителство, кој „беше дел од тековната цел на реформите насочени кон старт преговорите за членство во ЕУ, како и одлуката на Унијата за почеток на пристапните преговори.
„ Во октомври, ЕУ сигнализираше дека е подготвена да ги започне пристапните преговори пред крајот на годината. Во ноември, бугарската влада го блокираше почетокот на разговорите“, се додава во извештајот.
Дел извештајот е посветен и на справувањето со корона кризата, при што се посочува дека властите усвоија различни мерки за ограничување на движењето и други активности како одговор на пандемијата со ковид-19, а кон крајот на годината беше воведена вонредна состојба.
„Прекршителите на мерките се казнуваат парично, но не беа предмет на насилство или други форми на несоодветно постапување. Според Институтот за јавно здравје, до средината на декември во земјата биле потврдени 75.500 случаи на ковид-19“, се наведува во извештајот.