Фрфљам и го двојам плевелот од житото во СДСМ, го тресам Кланот Дубаи, ја ништам баграта на Бихаќка!

Питбуливе од Кланот Дубаи се неуморни. Напишаа десеттина филипики против мене, во форма на соопштенија на нивната испостава СДСМ, во кои се обидуваат да докажат колку сум бил „фрустриран губитник“ и „срам за новинарската професија“. Ако сум таков, зошто тогаш оваа панична кампања на Бихаќка? Зошто пишуваат претставки до ЗНМ и пријави до полицијата? Затоа што ги растурам ко бугарска скупштина! Ѕрцките им ги вадам! Дежураат панично над секој мој збор, над секој мој фрф! Какви епски будали!

6,990

Многумина ме прашуваат зошто упорно возвраќам на соопштенијата што Кланот Дубаи во името на СДСМ ги лиферува во јавноста речиси секојдневно, на тие памфлети напишани од бездарници во класичен информерски денунцијантски стил, тие жестоки филипики со кои неколку безделници на Бихаќка решиле да бијат битка со мене.

Добро е тоа прашање – навистина, зошто им одговарам?






Зошто го правам тоа, кога и врапците знаат дека ова е акција на неколку будалетинки, кои сега случајно ја водат партијата од пораз во пораз, покажувајќи еве и на ваков начин, дека освен за кавги и за кампањи за дискредитација, не се способни за ништо друго. Најмалку да креираат идеи и политики. Зошто се тепам со една багра, којашто секојдневно ја уништува ионака драстично намалената доверба во СДСМ?

Будалите имаат право слободно да се глупираат

Искрено, немам одговор на тоа прашање што повеќето од вас ќе го разберат како разумен и логичен.

Ако ви кажам, на пример, дека ја почитувам слободата на говорот на баграта, нема да ми верувате. Па сепак, по десеттина „соопштенија за јавноста“, во коишто Штабот на будалите на Бихаќка јавно изрече десетици груби навреди и тешки клевети на моја сметка – а такви има и во последната нивна филипика – јас никого не тужев, не поднесов кривична пријава, не напишав претставка до никого, не побарав поддршка од новинарските здруженија и од моите колеги, не им се јавив дури ни на вистинските, а камоли на лажните пријатели.

Не сакам никој да ме брани и да го ограничи правото на Кланот Дубаи да ја води оваа глупава и губитничка војна со мене. Тие некадарници сигурно имаат добри причини поради кои ме сметаат за свој алфа-противник. Не сакам да се ограничи ничија слобода на говорот.

Да, будалите имаат право слободно да се глупираат!

(Последнава реченица е мој теоретски придонес кон разбирањето и толкувањето на највисоките стандарди на човековите права и слободи.)

Никако не можат да ми го најдат оружјето…

Затоа, одлучив на „соопштенијата“ на СДСМ да одговарам со колумни. Жестината на тие колумни и мојот вокабулар морав да го приспособам на категоријалниот апарат и на речникот што тие глупандери единствено го разбираат. Тоа беше предуслов да воспоставиме прооден комуникациски канал, ако ме разбирате.

Мислам, се потрудив јас и поинаку … На пример, се обидов да им укажам што значи принципот „на книга со книга“. Малку фалеше да ме пријават во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ за грабеж на книги и за уништување инвентар.

Се обидов да ги предупредам дека ги чекам „на нишан“, што ќе рече со втренчено внимание и спремен за борба. А будалите поднеле пријава во полиција, во која тврдат дека поседувам оружје со кое наводно им се заканувам, поради што бараат да бидам повикан на некаков „службен разговор“ во полиција и да бидат преземени „други законски мерки“ за да бидам спречен да ja „реализирам заканата“.

Хахахахаха!

Толку се ненормални, што и во најновото соопштение ја тркалаат таа лага за моето „оружје“, кое наводно сум го криел некаде – навистина тоа го напишале, одете таму на нивниот сајт и прочитајте! – па јас сум требало да појдам во полиција да кажам каде е.

Ако се сеќавате, јас јавно ги повикав министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на БЈБ Александар Јанев да упатат полициска екипа да изврши преглед на станот во кој живеам и на сите други места на кои будалите од Бихаќка се сомневаат дека чувам оружје, со кое наводно им се заканувам. Во оваа прилика повторно ја повикувам полицијата да го стори истото, а повикувам и претставник на СДСМ да им се придружи. Ветувам, ќе ги пречекам домаќински, празнично, со виски и апетисани.

Но, нека извини Кланот Дубаи, навистина не можам да си дозволам да појдам во полиција и таму да ги убедувам луѓето дека не поседувам никакво оружје и дека никому не му се заканувам. Полицајците си имаат работа. А освен тоа, со право ќе ме сметаат за луд, бидејќи сепак не е можно да се неписмени како авторите на филипиките од Бихаќка.

За гомнарите – само гомнарска цевка!

Таа багра таму, на Бихаќка, едноставно, не разбира ништо!

Мојот разговор со нив не може да се води на ниво на елементарна пристојност, нашите копја не можат да се вкрстат во рицарски стил, бидејќи таа багра не може да се препознае во еден таков дискурс.

Во еден добар македонски филм има една ваква, извонредна реплика (малку граматички ја прилагодив за оваа прилика, но суштината останува иста): „За гомнарите – само гомнарска цевка!“

Така е тоа со вакви нелуѓе: „You can’t live with them, you can’t shoot them“.

(Тука сосема куса дигресија: Пред да поднесат нова пријава против мене до полицијата за наводно „загрозување на сигурноста“, после овие две хумористично-сатирични реплики што ги цитирав, ги советувам авторите на глупавите филипики малку да истражат и да се едуцираат. Да ги најдат авторите, контекстите, значењата. Да не би после пак да ги потсетуваат полицајците на што се заколнале, а тие самите да заборавиле колку се необразовани и неначитани.)

Ми ја бараат новинарската легитимација, цел ден ја барам и не можам да ја најдам!

Како и да е, во овој мој одговор на ова најново соопштение на СДСМ, ќе се обидам малку да бидам сериозен и да го подигнам нивото на расправата со СДСМ. Малку, малкуцка, не премногу, бидејќи не сакам да ризикувам повторно да не се разбереме. Ќе бидам малку пофин, не заради воспалените југенди од Штабот на будалите, туку заради илјадниците искрени и пристојни членови и симпатизери на оваа партија и особено заради многу видни личности од СДСМ, поранешни и сегашни, со кои јас никогаш не сум имал вакви кавги. И кои сега веројатно се чудат што е работава …

Уште во првата реченица на нивното најново соопштение, во кое повторно ме нарекуваат „Фрљо“ и „Фрфљо“ (плус ступидно лажат дека самиот сум се нарекувал така), Кланот Дубаи открива зошто неговата испостава на Бихаќка досега напиша четири (4) претставки против мене до Здружението на новинарите на Македонија, а после овој мој одговор сигурно ќе ја напишат и петтата по ред, јубилејната. Кланот тврди дека – пази ваму! – јас сум се криел зад новинарска легитимација и зад слободата на говорот.

Значи, јасна е целта на нивните претставки до ЗНМ – овие будали сакаат да ми биде одземена новинарската легитимација.

Откако го прочитав ова, дома направив паника. Жено, кај ми е легитимацијата? Она ладно: која легитимација? Како мори која, таа новинарската? Она дрско: најди си ја сам, таму кај што си ја оставил! Јас не знам сабајле што сум појадувал, а не па легитимацијата кај ми е! Она како откровение: а што ќе ти е таа легитимација?

Абе жена ако не те опамети, кој друг … Навистина, што ќе ми е таа легитимација? Членарина ионака плаќам од изборно до изборно собрание. Попусти за воз и за авиони не користам. Добро, не дека таа легитимација не ми значи и дека нема да ја најдам, еве до Божиќ ќе ја најдам, ветувам. Но, како не разбираат овие од СДСМ дека статусот новинар ни формално-правно, а ни репутациски, не се стекнува со новинарската легитимација од ЗНМ?

Со измените на Законот за медиуми, тоа прашање е регулирано од формално-правен аспект. И нема врска со никаква легитимација. Суштински, пак, репутацијата и професионалниот углед во нашата професија се стекнува со дела, со години и години практикување на слободата на говорот, а во мојот случај и со создавање новинарски производи коишто им овозможиле на стотици истакнати јавни личности во Македонија во овие три децении слободно да го изразуваат своето мислење.

„Дневник“, „Шпиц“, „Слободен печат“ и Плусинфо се мојата легитимација!

Ќе рече пак Зоќе дека сум суетен, ама морам да им го кажам на будалите она што паметните го знаат …

Јас сум еден од тројцата основачи на дневниот весник „Дневник“ и негов прв и долгогодишен главен уредник. Се надевам дека не треба да објаснувам што значеше првиот независен дневен весник за развојот на македонската демократија и за човековите слободи и права. Бев основач и на популарниот дневен весник „Шпиц“. Го основав и дневниот весник „Слободен печат“, чиј критички дискурс кон власта на Никола Груевски беше еден од важните фактори за поттикнување на граѓанските протести и за доаѓањето на Зоран Заев на власт (откако тој претходно ја киднапира Шарената револуција и граѓанскиот сектор го прогласи за „шуто и рогато“). Јас сум ко-основач и на влијателниот интернет портал Плусинфо.

Човек со таква легитимација – со кариера и со достигнувања како моите – навистина нема потреба да се крие зад каква било новинарска легитимација!

Кланот Дубаи врши јавен притисок врз ЗНМ и врз полицијата

Во секоја претставка до ЗНМ, Кланот Дубаи, преку својата испостава на Бихаќка, врши јавен притисок, повикувајќи ги членовите на Советот на честа и раководните луѓе на ЗНМ по секоја цена најстрого да го осудат моето поведение. Сега ја повикуваат и „целата јавност“ да го стори тоа. Тој тон јасно покажува дека луѓето од Штабот на будалите ги сметаат ЗНМ и „целата јавност“ за свој суд, а себеси за прокуратори чии обвиненија не смеат да бидат отфрлени.

(Пак нужна дигресија: за да нема претставка до не знам кого, ова „прокуратор“ нема врска со секс, зборот значи обвинител, а го спомнувам како асоцијација со една историска приказна, која будалите не ја знаат, а јас немам волја сега да им ја раскажувам.)

За разлика од нив, јас, откако од ЗНМ бев формално известен за две претставки од СДСМ против мене, среде празници седнав и ја напишав мојата писмена одбрана, изложувајќи сериозни аргументи, повикувајќи се на ценети извори и на релевантни толкувања на прашањето на балансот меѓу принципот на неприкосновеност на слободата на говорот, потребата да се заштитат некои други важни општествени вредности и императивот да се заштити јавната дебата како врвна вредност во цивилизираните демократски општества.

За разлика од начинот на кој будалите пак ја повикуваат полицијата да преземе мерки на силна полициска репресија против мене – замислете, ги потсетуваат полицајците на што се заколнале! – јас одлучно и пријателски ги известив најодговорните луѓе во МВР дека слободно можат да ме уапсат и да ме приведат на тој нивен „службен разговор“ и ги поканив да дојдат во мојот дом и да извршат преглед (не можам да им дозволам да извршат претрес без налог, бидејќи така сите заеднички ќе го прекршиме законот).

Пилето им пее рано насабајле …

И после сè, СДСМ тврди дека јас сум бил „фрустриран губитник“.

Молам?!

Губитник знаеме кој е – оваа екипа на Бихаќка ги губи сите можни избори. Таа победува само во СДСМ, бидејќи има целосна контрола над електронските картички за гласање. Тоа е дигитализирана партија, не е заебанција, како што изгледа.

Но, ве молам, проценете сами, кој овде навистина ви личи „фрустриран“?

Ако сум јас таков каков што ме опишува Штабот на будалите – цитирам: фрустриран губитник, плукач на отрови, платеник, кукавица, кловн итн. – тоа би значело дека она што го работам не вреди ништо, дека мојот збор нема тежина и дека моето влијание во јавноста е минорно.

Ако е така, зошто тогаш СДСМ кукурика како засипнато петле рано насабајле?

Чуму тие ежедневни филипики против еден новинар кој бил „срам за својата професија“?

Од каде таа опседнатост со мојата маленкост и со моето, како што велат гомнарите, фрфљање?

Би помогнало ли ако јас им стегнам една претставка до Бардовци?

Абе другарчиња, фрфљал јас или не, ве растурам ко бугарска скупштина!

Парче ве правам!

Ѕрцките ви ги вадам!

Мир немате од мене и кога молчам, а не па кога уста ќе отворам!

Не можете да се соземете ни за празник ни за делник!

Дежурате ко ненормални, бдеете над секој мој збор, над секоја запирка!

Плачете – земете му ја легитимацијата, викнете го во полиција, осудете го!

Разоткриени сте? Не бе, одамна сте разоткриени. Сега сте само разочарани и збунети.

Сега шетате со соблечени гаќи и морализирате ко баби седнати на троношци.

И дури сега сте опасни, човече! Опасни по себе! Опасни по СДСМ!

Не знам што да правам со вас … А би помогнало ли јас да ви стегнам една претставка до Бардовци?

Поврзани содржини