Францускиот предлог врз нас фрла дамка дека сме народ што мрази – и тоа е срамно!

Вметнувањето на „говорот на омраза“ во документ што ја определува рамката на нашите преговори со ЕУ е плод на обвинувањата на Софија дека во Македонија се води кампања на омраза против Бугарите. Тоа тврдење е ноторна лага, а прифаќањето на таа лага во францускиот предлог е неприфатливо понижување на нашата земја и на нашиот народ.

5,528

Интересна тема на Фејсбук отвори почитувана професорка Мирјана Малеска. Ова е нејзиниот пост што предизвика одмерена и интересна дебата (до овој момент):

„Кажавме што сѐ не ни се допаѓа во т.н. француски предлог. Да кажам што ми се допадна: она, ‘борбата против говорот на омраза’, зашто не ги мразиме само Бугарите односно нивната политика. Сенешто мразиме и сите ги мразиме, најмногу оние кои се издвоиле и се издигнале над својата средина!“






Се разбира, со професорката Малеска лесно се согласивме за присутноста на говорот на омраза во нашата средина и за неопходноста против ова зло да се води битка на сите нивоа, па и на нормативно ниво. Впрочем, познато е дека говорот на омраза е казнив и со Кривичниот законик. Така и треба да биде.

Но, како што искоментирав на овој пост, крајно потценувачки е, а во извесна смисла претставува и говор на омраза насочен кон Македонија и кон македонскиот народ, некој да инсистира во документот кој ги поставува основите за преговорите на Македонија со ЕУ да се зборува за „борба против говорот на омраза“.

Говор на омраза има насекаде, вклучително и во земјата од каде што доаѓа предлогот, Франција. Борбата против ова зло е цивилизациски потфат, а не прашање за кое треба да се преговара или некаков посебен „бенчмарк“.

На пример, можеле во рамката да напишат дека Македонија ќе треба да покаже резултати и во одржувањето на личната хигиена на населението, со посебен осврт на миењето раце, на пример. И тоа на сите би ни се допаднало, претпоставувам. Но, тоа не се пишува во ваков документ.

Затоа, да не се лажеме. „Борбата против говорот на омраза“ во документот е спомнат на инсистирање на Бугарија и конкретно реферира на постоењето некаква кампања на говор на омраза во Македонија спрема Бугарија. Францускиот предлог врз нас фрла дамка дека сме народ што мрази. И тоа навистина е срамно!

Јас таа фраза во преговарачката рамка не би ја прифатил, како понижувачка. На крајот на краиштата, интензитетот на говорот на омраза во Македонија кон Бугарија не може ни да се спореди со интензитетот на говорот на омраза во таа земја кон Македонија, но и во многу други земји членки на Европската Унија на разни теми.

Лага е и тврдењето дека кај нас нема говор на омраза кон Бугарите, дека станува збор само за реакција кон бугарската негаторска политика кон Македонија. Но, Катарина Синадиновска, на пример, со право укажува на фактот дека генерализацијата дека Македонците ги мразат Бугарите е „невиден спин и конструкција“.  Навистина е така.

Вметнувањето на „говорот на омраза“ во документ што ја определува рамката на нашите преговори со ЕУ е плод на обвинувањата на Софија, a прифаќањето на таа лага во францускиот предлог е неприфатливо понижување на нашата земја и на нашиот народ.

И сега… Што да се прави во такви околности? Дали навистина францускиот предлог е „земи или остави“ и „да се биде или не“?

Не верувам во таа работа. Мислам дека ни прават филм.

Вчера ми пиша еден добар пријател. Информиран човек, не јабанџија. Што ако бугарскиот парламент, вели, го прифати францускиот предлог? А потоа и ЕУ? Бугарите ќе излезат големи победници.  Тие совршено ја тераат целата процедура и имаат поддршка од сите земји во ЕУ. Последиците ќе бидат ненадоместливи…

Му одговорив на пријателот. Вака некако.

Сите ние сме возрасни луѓе, самосвесни. Секој таков човек барем еднаш во животот може да си дозволи да биде достоинствен и да каже „не“ кога го ништат. Покрај и наспроти сѐ. Не гледам зошто нашата позиција би зависела од бугарското собрание, од бугарската влада или од тоа колку бугарската политика била „мудра“ и имала поддршка од земјите членки на ЕУ.

Овде за нас станува збор, а не за Бугарија и за Бугарите. Тие нас нѐ оспоруваат, а не ние нив. Сакам да кажам, ние одлучуваме за нас. Кои сме, што сме и какви сме. Ние одлучуваме дали сме Бугари или Македонци. Ние одлучуваме дали сме Европјани или не сме. Ние одлучуваме дали сме народ што мрази или сепак не сме такви.

Јас за себе одамна имам одлучено, а мислам дека и огромното мнозинство граѓани на оваа земја го имаат сторено истото. Ние Македонците не мразиме никого. Дамката што ни ја фрлаат сега Бугарите сепак нема да нѐ извалка, бидејќи одамна постои општо уверување кај сите балкански и европски народи дека ние сме еден мирољубив, пријателски настроен народ. Тоа уверување се базира на искуствата на многу луѓе од светот, а не (само) на нашето мислење за себе.

Да, професорката Малеска е во право дека и кај нас никне семето на злото, каколот на омразата. И тоа треба сериозно да нѐ загрижи. За тоа треба да се зборува отворено и гласно. Но, едно е да се каже дека во нашето жито има какол – како и во секое друго, впрочем – но друго е да се тврди дека во нашиот какол има и малку жито.

 

Поврзани содржини