„Францускиот предлог“ е македонско предавство, не е од Мала Речица

Дилеми, нема. „Францускиот предлог“, и преговарачката рамка, со којашто ем никогаш нема да влеземе во Унијата, ем треба да се избришат Македонците како народ, е донесена со наша согласност. За среќа, барем формално, рамката се’ уште не сме ја прифатиле. Тоа ќе следува, само ако го промениме Уставот.        

3,484

Нема теоретски шанси дека овој предлог, погубен за нас, Софија да го договорила со ДУИ, иако Павле Трајанов тврди дека има докази за тоа. Докази може да има за некаква средба во Мала Речица и таа е апсолутно возможна дури и веројатна. Бугарија има моќна дипломатија. Министрите за надворешни работи, жилаво ги бранат нивните интереси, додека „нашиот“, Бујар Османи, се бори за албанските, бугарските, грчките…

Свесна за огромните маневарски можности на Османи во МНР, исто како и на ДУИ во земјата, логично е Софија да имала некаква средба во Мала Речица. И целта не е спорна – да бара поддршка и да лобира за своите фантазмагории.






За разлика од нас, Бугарите знаат како се однесувал Османи во контактите со нив и, веројатно, ценеле дека има простор и за додатна корист од него.

Ако имало средба во Речица, Софија веројатно презентирала максимални барања бидејќи, во конкретниов случај, интересите на Албанците и на Бугарите, во однос на Македонците, речиси целосно се поклопуваат. Досегашните резултати, тоа максимално го потврдуваат.  Сте чуле ли Албанец да не ја поддржува промената на Уставот, што директно води кон бугаризација на Македонците?

Реакцијата, пак, на МНР, во однос на изјавите на Трајанов („Вечер“, од 7 јуни 2024), е нова директна потврда за крајно негативната улога на Османи, во односите со Бугарија. Сите предлози, и нивната еволуција, ги преговараше лично тој. Поточно, тој само лиферуваше нови и нови катастрофални отстапки, сите на сметка на македонскиот народ. Секако, своја улога во тоа имаше и „нашиот“ тогашен талентиран премиер, ама тоа е друга приказна. Тоа не ја намалува одговорноста на Османи.

Надвор е од умот, претставува невидена глупост и нечуен аматеризам тоа што го велат од МНР (Османи) дека – „Успехот да добиеме усогласена рамка … од сите 27 земји членки на Унијата претставува голем, огромен успех на напорите на дипломатијата на Македонија. Дополнително, овој успех беше остварен и со огромните напори и заложби на нашите стратешки пријатели и сојузници“.

„Дипломатите“ од МНР, очигледно, не ја прочитале, или не ја разбрале преговарачката рамка. Тие пак, на коишто не им е јасно дека со оваа рамка, Македонија нема теоретски шанси да влезе во Унијата, треба под итно да си бараат друга работа. Втор и неспорен факт е дека во сите овие наши 35-годишни голготи, никогаш немавме, ниту имаме стратегиски пријатели, камоли – сојузници. Напротив, цело време бевме и сме жртва на интересите на другите. Со наша помош, тие не дотераа до ова дереџе. Очигледно, во МНР – не го разбираат и тоа и душманите ги третираат – како партнери.

МНР е во право кога тврди дека прво постоеше германски, потоа португалски, за на крај тоа да стане и француски предлог. По тој редослед тие претседаваа со ЕУ, и бараа решение за бугарското вето кон Македонија. Сите, без исклучок, и сето време, тоа безмилосно го правеа – на наша сметка. Тоа не треба да чуди бидејќи наш преговарач беше токму – Османи! Факт е дека тоа е сега предлог на ЕУ, усогласен со земјите членки. Заслугата е во голем дел, пак – на Османи.

Според расположивите информации, финалниот текст на вториот протокол со Бугарија, којшто е всушност ткн. „француски предлог“, бил договорен меѓу премиерите Ковачевски и Петков. Ако не е така, нека демантира Ковачевски. Предлогот е катастрофален бидејќи е апсолутно против  интересите на Македонците. Османи, пак, веројатно, присуствувал на тој договор, и го финализирал, со потпишување на протоколот, во којшто има едно чудо небулози.

Франција, и Макрон, секако беа вклучени, ама само пасивно, преку вршење на притисок во барањето на решение. Во средината на мај, 2022, Макрон телефонски разговарал со Ковачевски, Петков и Радев.

Дилеми, нема. „Францускиот предлог“, и преговарачката рамка, со којашто ем никогаш нема да влеземе во Унијата, ем треба да се избришат Македонците како народ, е донесена со наша согласност. За среќа, барем формално, рамката се’ уште не сме ја прифатиле. Тоа ќе следува, само ако го промениме Уставот.

За крај, да нагласиме – договорот за (не)пријателство со Бугарија не е пречка за нашиот прием во ЕУ. Тој содржи неколку наши будалштини ама Софија во него нема адути да нѐ попречува на патот кон Брисел. Може да ни го оспорува јазикот („според Уставот…“), ама тоа може да се надмине. Историската комисија, пак, може да продолжи со долгорочно мирување, во какво што се наоѓа. Ако сега го репрограмираме договорот, би предизвикале бура, којашто нема да ни донесе ништо. Затоа, тој може да се остави за подоцна.

Меѓутоа, итно мора да се откаже, или повлече, вториот протокол со Бугарија. Тој не е никаде ратификуван иако е пет пати пострашен од самиот договор. За разлика од договорот, протоколот никој не го спомнува. Никој не нѐ уценува дека мора да го спроведуваме, а тој е клучен за нашиот опстанок. Со негово анулирање, паѓа во вода и неприфатливата и понижувачка преговарачка рамка, и ултиматумот за уставни промени. Тие ќе станат бесмислени, бидејќи целосно се базираат на овој протокол.

Така, Брисел, па и Вашингтон, ќе мора сами да ги променат своите погубни политики кон Македонија, сублимирани во преговарачката рамка. Нема да има потреба ние да бараме или да молиме во Брисел, или кај сите членки на Унијата, да се менува самата рамка. Без неа, пак, и ние ќе можеме да градиме нормален пат кон Брисел, како и сите други земји.

Откажувањето на вториот протокол ќе биде порака за сите што постојано нѐ уверуваат за непроменливоста на рамката, демек како да е некаква Библија, дека такво нешто нема.

Чиста бесмислица е што некакви протоколи или записници, се ставени во рамката. И, не само тоа. Предвидено е во рамката да се вклучуваат и сите други протоколи, коишто Македонија ќе треба да ги потпишува со Бугарија секоја година! А тие, можат да бидат само резултат од историската комисија, пред која ќе треба, постепено, ама постојано и без прекин, да се откажуваме од нашето минато, од нашите дејци, од нашите артефакти… Најкусо – од се’ што ќе потврдува дека, како Македонци, сме постоеле и пред 1944 година.

Сегашната, неприфатлива, позиција на Брисел кон Македонија, којашто предолго трае, ги руши авторитетот и вредностите на самата Унија. Со откажување на вториот протокол, да им помогнеме да се вратат на правиот пат!

Аргументите и фактите се на наша страна. Ако сакаме да опстанеме како народ, и да напредуваме како држава – мора да ги искористиме. Во спротивно…

Новата власт е на потег. Имаат шанса за одличен потег. Ако не го искористат…

 

Ристо Никовски

Јуни, 2024

Поврзани содржини